НЕ ВИ ТРЕБА СПЕЦИЈАЛЕН СУД, АКО ПРЕДМЕТИТЕ СЕ РАСПРЕДЕЛУВААТ ПО СЛУЧАЕН ИЗБОР, ВЕЛИ ПОЛ БАЈРОН, ФЕДЕРАЛЕН СУДИЈА ОД САД

Специјалист за конфискација на имот во канцеларијата на обвинители би била од голема помош, вели американскиот судија Бајрон

    НЕ ВИ ТРЕБА СПЕЦИЈАЛЕН СУД, АКО ПРЕДМЕТИТЕ СЕ РАСПРЕДЕЛУВААТ ПО СЛУЧАЕН ИЗБОР, ВЕЛИ ПОЛ БАЈРОН, ФЕДЕРАЛЕН СУДИЈА ОД САДСудијата Бајрон работел на комплексни случаи во државните и федералните судови низ САД, а во 2001 година, бил обвинител во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг. (Фото: СДК.МК)

    Американскиот федерален судија од Округот Средна Флорида Пол Бајрон, кој две недели е во Македонија, е првиот посетител во рамките на Проектот за размена на искуства меѓу судиите, програма дизајнирана да изгради засилени партнерства помеѓу американските и македонските судии. Судијата Бајрон, кој има многу богата биографија и искуство, работел како бранител, обвинител и судија на сложени случаи од областа на организираниот криминал, трговијата со дрога и сложениот криминал во јавната администрацијата, власта, од меѓународното перење пари, измами во здравството, меѓународен тероризам, гонење на кривични дела за загрозување на животната средина… Судијата Бајрон работел на комплексни случаи против големите производители во државните и федералните судови низ САД, а во 2001 година, бил обвинител во Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг.

    Во текот на неговиот престој во Македонија, тој беше на работилница за апелационото подрачје Битола за реформа на судството и казнената политика на судовите во Македонија, зборуваше за зајакнување на независноста на судството, имаше предавање во Академијата за судии како идните судии да изготват јасни и логични судски пресуди, објасни каква е постапката на конфискација на нелегално стекнат имот во американскиот правен систем, а редовно предава на меѓународно ниво, за теми поврзани со судските реформи, јавната корупција, перење пари, финансирање на тероризам и за истражни техники.

    Тој е дојден во Македонија како независен експерт и изнесените ставови се лично негови.

    • Судија Бајрон, да почнеме првин од темата за конфискација на нелегално стекнатиот имот, многу актуелна кај нас, за која зборувавте пред судии, обвинители, адвокати, професори и претставници од Македонската академија на науки и уметности, кои верувам дека ќе го ценат и применат вашето големо искуство. Поради што не може да заживее постапката на одземање на криминален имот во овдешниот правен систем?

    Во вашиот правен систем постои многу добро развиен сет на закони кои што овозможуваат конфискација на средства и имот. Ние дискутиравме околу тоа, дознав од вашите експерти како функционира вашиот систем, а јас им презентирав за нашиот. Има многу паралели. Суштинската разлика е што вашата држава само што почнува со конфискацијата на имот, додека нашата има програма веќе 20 години.

    Кога ние почнавме, го имавме истиот проблем со имплементацијата на законот. Затоа, во дискусијата беше спомената потребата од поставување одредени структури. Тоа претпоставува дека моментот кога треба да се размислува за конфискација на имот е на почеток на истрагата, а не на крајот… додека го градите случајот, го идентификувате имотот, ги идентификувате правните факти и докази кои што поддржуваат конфискација и се планира конфискацијата да се случи токму околу времето кога се поднесува формалното обвинение.

    Тоа што сега го прават, сега е собирање на елементите кои веќе ги имате: полицијата, обвинител, финансиски истражувач за да се создаде еден тим, кој што ќе ги разгледува овие прашања на почеток на случајот и ќе работи кон целта. Ако постои еден ваков тим, кој помага во напредувањето во случајот, тогаш конфискацијата на имот и средства ќе биде успешна.

    Јас секогаш велам, почнете со малку. Најдете случај кој може да го работите, бидете успешни, и градете над тие успеси. Не почнувајте од врвот, туку од некоја пореалистична точка. Така правевме и ние. Сите парчиња се тука, сега е време да се применат.

    • Во Македонија е доволно криминалците само да бидат осудени и да одат во затвор. Државата уште има и трошок да ги храни овие лица во затвор, за потоа да излезат и да отворат бизниси со претходно украденото. Како да се обезбеди враќањето на парите назад кај граѓаните, уште на почеток на истрагата?

    Кога се работи за конфискација на имот, судијата Бајрон советува да се почне со помал случај со поголеми шанси за успех и потоа да се надградува тој успех. (Фото: СДК.МК)

    Нашиот и вашиот правен систем имаат два различни начина на конфискација на имот и средства. Првиот начин е кривично-правна конфискација, или конфискација преку обвинителен акт, кога се докажува вината на обвинетиот и следи конфискацијата. Другиот начин на конфискација на имот е граѓанско-правна конфискација, кога се води граѓанска постапка во граѓанскиот суд против имотот.

    Доколку се идентификуваат само средствата кои се стекнати со криминал, може да се поведе постапка за конфискација на истите, за да не можат да излезат од државата, a потоа да се реализира граѓанска постапка. Ова може да биде потребно, доколку кривичната постапка трае предолго, или пак ако обвинетиот ја напуштил државата. Во вториот случај, кога тој не е тука, а тука се неговите средства , не може да имате кривично-правна конфискација на имотот, бидејќи тие не се присутни. Но може да носите граѓанска постапка за конфискација на тие средства.

    Се согласувам со вашето гледиште дека треба да прекине можноста да се профитира од криминалот, преку поминување кратко време во затвор, затоа што мора да се разделат овие две работи – профитот и криминалот. Конфискуваните пари се враќаат назад во буџетот кој поддржува многу програми, а оди исто така кај жртвите, доколку постојат идентификувани жртви.

    Исто така имаме механизам за заменување на имоти, во случај да не може да се најде специфичниот имот поврзан со криминалот. На пример, ако јас знам дека вашата компанија има украдено еден милион евра од фондови или од злоупотреба на владини договори, судот може да одреди парична казна со таа вредност, и да конфискува други имоти и средства на компанијата. Од мојата дискусија, добив впечаток дека во принцип овој механизам е присутен и тука и може да се употреби за да се најдат имоти и средства кои би ги замениле вистинските, кои потоа може да се конфискуваат, доколку постојат соодветни докази за нелегалност на изворите.

    • Дали можеби сметате дека треба што побргу да се формира Специјално судско одделение во Кривичниот суд, па специјализирани судии внатре да одлучуваат за барањата за времено замрзнување и обезбедување на криминално стекнатиот имот?

    На предлог на поранешниот претседател Барак Обама, Бајрон беше избран за федерален судија во 2014 година. Неговиот избор во Сенатот помина со 94:0. (Фото: СДК.МК)

    Не сум сигурен дека Специјалното судско одделение е потребно и ќе би објаснам зошто. Во САД го користиме нашиот судија на претходна постапка за издавање на налог на конфискација. Крајната конфискација се решава од судечкиот судија. Но, иницијалниот налог за конфискација, барањето на обвинителот, потребните документи за идентификација и замрзнување на средствата во пресрет на конечната пресуда, тоа се случува во претходната постапка. А доколку постои некоја потреба за ревизија тогаш тоа го прави судечкиот судија.
    Вие сега имате судии кои се вклучени во етапите на претходната постапка и изгледа дека тие се соодветните авторитети кои ги решаваат иницијалните замрзнивања, што се предмет на судијата одговорен за случајот. Не сум сигурен дека има потреба од друг суд. Но, сметам дека имањето специјалист за конфискација на имот во канцеларијата на обвинители е од голема помош.

    Во речиси сите канцеларии на обвинителствата во САД, има по еден, две или три одредени лица само за конфискација на имоти. Значи, има обвинители кои работат на случајот и градат докази за обвинението, има обвинител за конфискација на средства, кој работи за замрзнување на средствата и нивното чување до конечната пресуда, обвинители кои ја прегледуваат работата на обвинители за да се осигура дека обвинението е така напишано за да подржува конфискацијата. Сите работат како тим.

    Така што јас сметам дека тоа што навистина би ви помогнало за конфискацијата на имотот да биде успешна е нешто слично на тоа што го имаме ние во канцелариите на обвинителите – експерти за одредени теми, адвокат или некој кој работи само со конфискација на имоти, да го поддржува и да работи како колега на обвинителот кој е одговорен за собирање повеќе докази за случајот. Тоа би го направило поефективно, и би го појаснил патот на судиите за претходна постапка во замрзнување на средствата.

    • Иако многу бавно, обвиненијата на СЈО почнуваат да се распоредуваат по судии, кои ќе треба сега да закажат главни судски процеси во Основниот суд Скопје 1. Дали со оглед на аномалиите на овој суд во однос на случаите на Специјалното обвинителство, за кои верувам дека слушнавте, сметате дека без Специјално судско одделение за случаите на СЈО, овие предмети ќе почнат и ќе добијат судска разрешница?

    „Идејата за специјален суд е предизвикувачка, затоа што ќе поттикне прашања за тоа кој ги одбира судиите“, вели судијата Бајрон. (Фото: СДК.МК)

    Капацитетот на Основниот суд да решава комплексни случаи на Специјалното обвинителство зависи од вкупниот волумен на работа на тој суд. Под моја јурисдикција ние се занимаваме и со комплексни и со едноставни случаи.

    Повторно кажувам, не знам дали создавањето на друго специјално судско одделение е потребно. Но тоа е нешто што би морал да им го оставам на судиите за решавање. Во зависност од судството и транспарентноста, јас мислам дека е потребно случаите да се закажуваат по случаен избор.

    Така и јас, во моментот кога ќе се вратам, го добивам новиот сет на случаи по случаен избор. Ако биле седум судии, секој седми случај е мој случај. Ако вие создадете специјален суд, тогаш сите случаи ќе одат само на еден судија. Ова може да поттикне јавноста да почнува да има дилеми околу непристрасноста или интегритетот. Доколку ги користите постоечките судии сега и предметите ги поделите на случаен начин тогаш можеби ќе бидете потранспарентни. Можеби ќе се случи на еден судија на кому му е даден потежок случај да треба да го смени со помалку тешка материја.

    Меѓутоа идејата за специјален суд е предизвикувачка, затоа што ќе поттикне прашања за тоа кој ги одбира судиите, дали се нови судии или доаѓаат од постоечките судии, која е јурисдикцијата на судот и многу слични теми кои би создале контроверзии. Доколку се користат постоечките судии, случајниот начин на распределба на предмети мислам дека би функционирал.

    Во САД имам еден случај за тероризам, кој ми беше закажен на случаен начин. Тоа мислам дека е добро, бидејќи не изгледа дека има пристрасност кон некој одреден судија.
    Затоа, мојот заклучок како надворешен набљудувач би бил да се искористат капацитетите што ги поседувате и доколку судијата кој го води случајот на специјалниот обвинител нема капацитет да го води случајот во регуларен рок поради други обврски, може да се смени со некои помали случаи, наместо да се создаде нов суд. Мислам дека тоа се совпаѓа со вашиот случај и дека ќе помогне во враќање на довербата кај јавноста.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира