Денеска е петок 13-ти, „најбаксузниот“ ден во календарот, кога, наводно, сѐ ќе тргне на лошо. Но, од каде потекнува верувањето дека токму овој ден носи лоша среќа? Се разбира, сѐ се сведува само на теории.
Петокот и бројот 13 отсекогаш биле на ваков глас, смета Стив Роуд, авторот на книгата „Водич низ суеверието на Британија и Ирска“.
„Бидејќи распнувањето на Исус се случило во петок, петоците отсекогаш се сметале за ден на покајание и воздржување. Ова генерално верување со тек на време се претворило во генерално мислење дека ништо, или барем ништо важно, не треба да почне да се прави во петок“, вели Роуд.
Кон крајот на 17. век, во народот почна да се шири нова урбана легенда: ако во група или на маса има 13 луѓе, тоа носи несреќа.
Според фолклористката Ен Мари Лаграм, за оваа појава има различни теории, како бројот на луѓе кои присуствувале на последната вечера и бројот на вештерки потребни да се оформи ковен.
„Во викторијанско време, кога многу се интересирале за фолклор, дошло до спојување на петок и на бројот 13 и со тоа се создал двојно несреќен ден“, смета Лаграм.
Ако видиш црна мачка, направи три чекори назад или чукни во дрво трипати за да не ти се случи нешто лошо, луѓето низ целиот свет и денес се бранат од суеверието на вакви традиционални начини.
„Суеверието потекнува од времето кога животот бил несигурен и луѓето чувствувале дека немаат контрола врз својата судбина. Затоа мислеле дека ако направат некој мал ритуал, така ќе се одбранат од несреќи. Суеверието е особено присутно кај луѓе кои имаат опасни професии, но дури и спортисти кои многу заработуваат повторуваат смешни ритуали“, додава Роуд.