Во 2015 година приближно еден од шест смртни случаи, или проценето околу 9 милиони низ целиот свет, се поврзани со загадувањето во најразлични форми, како што е аерозагадувањето, загадувањето на почвата, водата или професионалното загадување, покажува новото истражување објавено во магазинот Лансет. Аерозагадувањето најмногу придонесува за рана смрт, покажува најновото истражување комисијата за загадување и здравје. Оваа форма на загадување е поврзана со 6,5 милиони смртни случаи во 2015. Загадувањето на водата е одговорно за смртта на 1,8 милиони луѓе, а загадувањето поврзано со работното место за 0,8 милиони смртни случаи. Овие два вида на загадување се следни по аерозагадувањето, како најголеми ризик фактори, се вели во извештајот од истражувањето.
Најголем број од смртните случаи поврзани со загадувањето, или 92 отсто, се меѓу луѓето што живеат во ниско и средно развиените земји. Еден од четри рани смртни случаи се меѓу нациите кои се обидуваат забрзано да се индустријализираат, како што се Пакистан, Кина, Бангладеш, Мадагаскар и Кенија. Овие смртни случаи се поврзуваат со нечист воздух, вода и почва или со друг вид загадување.
„Загадувањето диспропорционално ги погодува сиромашните и ранливите“, вело д-р Олсој Адеји, директор на секторот за здравје, исхрана и популација при Светската банка.
Во овие земји со низок приход, болестите поврзани со загадување преовладуваат кај малцинствата и маргинализираните.
„Децата се изложени на највисок ризик. Важно е да се подигне свеста за акција на локално, национално и глобално ниво“, вели Адеји.
Д-р Филип Ландриган, колидер на комисијата, рече дека проблем се хемикалиите.
„Има илјадници хемикалии во животната средина и ние знаеме дека луѓето се изложени на нив. Но не знаеме доволно што хемикалиите им прават на луѓето“, вели Ландриган.
Економистите од комисијата направиле и посебна анализа колкави се трошоците од смртните случаи поврзани со загадувањето.
„Само погледнете ги искуствата од нашата земја, каде загадувањето беше намалено за 70 отсто од 1970 до 2015 со почитување на законот за чист воздух донесен во 1970. За тој 45-годишен период бруто домашниот производ порасна за 250 проценти“, вели Ландриган, кој нагласи дека овие податоци не ги поткрепуваат тврдењата дека регулативата и мерките против загадувањето ја кочат економијата.