Судскиот процес против ексразузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои грчката полиција ги уапси со лажни пасоши, не почна ни денеска, јави ТВ 24. Судењето се одложило за први декември.
Како што јави екипата на телевизијата која беше во Солун, причината за одлагањето повторно била немање овластен преведувач од грчки на македонски јазик.
Грујевски и Бошкоски, беа уапсени вечерта на 18 октомври со лажни, бугарски пасоши на аеродромот во Солун. Тие се обиделе да ја напуштат Грција и да прелетаат во Будимпешта, Унгарија.
И додека за судењето за лажните пасоши на двајцата сѐ уште не може да се најде судски преведувач на македонски, кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1, како што бевме информирани, ја комплетира документацијата која треба да ја испрати нашето Министерство за правда до грчкото Министерство, за постапката за екстрадиција.
По Бошкоски и Грујевски е распишана меѓународна потерница, бидејќи тие како обвинети во предметите на СЈО „Тврдина“ и „Таргет“, избегаа кога им беа потврдени мерките притвор. Осомничени се за нелегално прислушување на илјадници граѓани и за уништување на опремата со која се вршело прислушувањето.
С. К. ДЕЛЕВСКА