Милијарди евра на даночните обврзници на Велика Британија ќе останат заробени во Европска Унија повеќе од 30 години по Брегзит.
Александер Стуб, потпретседателот на Европската банка за инвестиции, каде што Велика Британија има 16% акции, вели дека парите нема да бидат целосно исплатени до 2054 година.
Тој го опиша Брегзит како „трагедија“, но негираше дека овој потег е казна.
„Сите вклучени во преговорите се согласија дека банката мора да ги врати овие 3,5 милијарди евра, но тоа ќе трае долг период, до 2054 година, затоа што заемите тогаш се амортизираат“, изјави Стуб.
Оваа сума е капиталот на Велика Британија во банката и еден извештај од Куќата на лордови вели дека оваа инвестиција би можела да достигне цифра од 10,1 милијарда, земајќи ги предвид профитот и резервите.
Основана во 1958 година, банката користи капитал од земјите-членки на ЕУ, за да издава кредити со мали камати, најчесто за големи инфраструктурни проекти.
Сите 28 членки поседуваат акции во банката, која има седиште во Луксембург, од кои најмногу Германија, Франција, Италија и Велика Британија.