Новиот градоначалник на Охрид, Јован Стојановски, во своето прво официјално обраќање од оваа функција кажа дека заедно со здружението „Анималија” ќе го решава проблемот со кучињата скитници, кои го сардисаа градот. Тој најави стерилизација, нега и згрижување на љангачите, како што охриѓани ги викаат бездомните кучиња.
„Овој проблем го сфативме многу сериозно и така се однесуваме кон него. Морам да кажам дека тоа не може да се реши наеднаш, бидејќи сме обврзани да почитуваме одредени законски регулативи. Резултатите од нашите активности ќе бидат видливи на подолг рок”, кажа градоначалникот Стојановски.
Директорката на Југозападниот плански регион со седиште во Струга, Мирјана Лозановска, најави помош во решавањето на овој проблем.
„Ние ќе аплицираме за добивање средства за изградба на стационар за бездомни кучиња за Охрид, Струга, Ресен и Дебрца. Не треба да се заборави дека потоа ќе треба да се обезбеди и соодветна локација за стационарот”, рече Лозановска.
Во текот на годинава, бездомните кучиња во Охрид напаѓаа граѓани и туристи дури и во центарот на градот.
Д. ЧУБРИЌ