Кривичниот совет од Основниот суд Куманово го осуди на 8 години затвор со неправосилна пресуда Даниел Д.(30), кој го убил Бојан Илиевски (31), а потоа го фрлил во бунар на периферијата на Куманово.
Според обвинението убиството се случило на 26 јуни минатата година по полноќ, кога двајцата другари Даниел и Бојан, по посета на неколку угостителски објекти и ноќен клуб, заминале во кругот на црквата „Света Мина“. Додека разговарале, Даниел извадил пиштол и испукал еден куршум во Бојан кој седел на клупата. Потоа го фрлил телото во бунарот и побегнал.
Даниел е осуден за кривичното дело убиство, за кое е предвидена затворска казна од 5 до 10 година. Семејството Илиевски не е задоволно од пресудата и нивниот адвокат најави дека ќе ја обжали одлуката.
„Бараме доживотен затвор за да биде правдата барем делумно задоволена. Ќе се жалиме, бидејќи не сме задоволни и од квалификацијата на делото и многу работи се сокрија и не се кажаа пред судот. Даниел убиството го испланирал, а пред тоа го тепал брат ми“, – изјави братот на Бојан, Југослав.
Осудениот пред судот го негираше обвинението и изјави дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари. Тој тврдеше дека Бојан се самоубил, откако од појасот извадил пиштол и си пукал сам под левото уво. Тој кога видел што се случило се испаничил и побегнал, за да не го обвинат дека го сторил делото, па не знае како Бојан завршил во бунарот, ниту каде е оружјето од кое е пукано.За повредите што ги имало по лицето на Бојан, претпоставува дека ги добил откако паднал по самоубиството.
Исказот не беше прифатлив за обвинителот и адвокатот на семејството Илиевски, кои во завршните зборови побараа строга казна за осомничениот, бидејќи сметаат дека убиството го извршил свесно и со умисла и без повод и причина. За да го сокрие убиството го фрлил телото во бунар и го сокрил пиштолот, кој уште не е најден. Според обвинителот, за неговата ладнокрвност сведочи и тоа што наредното утро уште во 6 часот заминал со такси во Аква парк во Пробиштип каде цел ден се капел за да ги измие барутните честички од рацете.Облеката што ја носел ја фрлил, но не и патиките на кои подоцна биле најдени траги од крв. И покрај тоа што семејството го барало Бојан, тој тврдел дека не знае каде се наоѓа, па се вклучил во потрагата и погрешно ги насочувал. Даниел пет дена молчел за убиството, додека случајот не бил пријавен од граѓани кои забележале крв кај бунарот, по што е приведен.
Според дополнителниот наод од судска медицина, повредите на двете веѓи, горната вилица и брадата на Бојан,настанеле пред смртта, што значи дека Бојан бил тепан пред да биде убиен.
Одбраната на Даниел побара ослободителна пресуда, бидејќи ОЈО немало докази кој го сторил убиството, а наводите на обвинителот ги нарече чиста конструкција базирана на претпоставки и сомнение. Тој посочи дека не се пронајдени траги од под ноктите, облеката, парафинската ракавица, го нема пиштолот и затоа нема докази дека обвинетиот пукал во покојниот Бојан.
Психолошкиот наод покажал дека обвинетиот е псичички здрава личност,без патолошки пореметувања и до сега не бил осудуван. До убиството работел како келнер во повеќе угостителски објекти во Куманово.
С. НИКОЛИЌ