Собранието го констатираше престанокот на мандатот на пратениците кои беа избрани за градоначалници во првиот круг на локалните избори, односно на Петре Шилегов, Стефан Богоев, Сашо Поцков, Максим Димитриевски и Коста Јаневски.
Собранието ги констатираше и оставките на Зеќирија Ибрахими од Движењето Беса и пратеникот на ДПА Бардиљ Даути. Оставката на лидерот на Беса Биљал Касами претходно беше констатирана, бидејќи беше дадена пред локалните избори.
„Ја повикувам Државната изборна комисија да го извести Собранието кои пратеници треба да ги заменат оние на кои што денеска им беше констатиран престанок на мандатот. Ја прекинувам седницата и во 13 часот продолжуваме по наредните точки на дневниот ред“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери.
Пратениците од СДСМ на кои им беше констатиран престанок на мандатот ја напуштија собраниската сала, поздравувајќи се со своите сопартијци и заминаа во општините каде што се избрани за градоначалници.
Во 13 часот треба да продолжи седницата на која ќе се верификуваат мандатите на новите пратеници.
Г. ТРПЕНОСКИ