Легендарниот хрватски тренер Мирослав Блажевиќ е шокиран од одлуката на Фудбалскиот сојуз на Србија да го смени селекторот Славољуб Муслин, кратко време откако тој ја одведе српската репрезентација на Светското првенство 2018 во Русија.
Тоа ќе биде прв настап на најдобрите српски фудбалери на едно големо натпреварување по пауза од осум години, но Муслин нема да седи на клупата, откако се скара со челниците на Сојузот.
„Тоа што го направија Србите е лудило. Можеби, тие имаат некоја причина, за којашто јас не знам. Како и да е, или Србите се луди или знаат нешто во врска со Муслин“, изјави популарниот Ќиро за сараевски „Спорт Аваз“.
По смената на Муслин, на кого најмногу му се замера неповикувањето на играчот на Лацио, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, селекцијата привремено ќе ја води Младен Крстаиќ.