Се огласи Мирослав Анастасиевски, времениот стечаен управник на „Фени Индустри“, кој вели дека стечајот е единствениот излез за оваа фабрика. Во „Фени Индустри“ има вработено околу 800 лица.
„Отворање на стечајна постапка во овој момент е единствен начин за зачувување на имотот, спречување на настанување на штети и изнаоѓање на најбрзо можно решение за рестартирање и ангажирање на вработените во одржување на технолошкиот минимум, со цел изнаоѓање на нов стратешки инвеститор и брз премин кон нормално функционирање на фабриката со добар бизнис потенцијал“, кажа Анастасиевски.
Во понеделник напладне во Основен суд Велес тој ќе го поднесе Извештајот за спроведена претходна постапка, а по него ќе решаваат доверителите.
Според времениот стечаен управник Анастасиевски, од направените анализи кај „Фени индустри“ се препознавало компанија која што е западната во тешка финансиска состојба како резултат на слабо менаџирање и лоши деловни одлуки. Претпладнево, пак, дел од вработените во „Фени Индустри“ два часа го блокираа сообраќајот на патниот правец Градско-Прилеп и трите експозитури во Кавадарци на банките кои што побараа стечај.
Стечајот е побаран од „Комерцијална банка“ АД Скопје, „Стопанска банка“ АД Скопје и „Силк роуд банка“ АД Скопје, кои што, според одредени пресметки, побаруваат околу 40 милиони евра.
П. ПЕЧКОВ