Матичните лекари бараат од Фондот за здравствено осигурување да воведе партиципација од 30 денари, која пациентите ќе ја плаќаат како манипулативен трошок за печатење рецепти и упати.
Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари во Македонија, вели дека пред околу месец и половина поднеле писмено барање до ФЗОМ со повеќе точки, со кои треба да се подобрат условите за работа во примарното здравство. Таа кажа дека освен воведување партиципација, бараат и зголемување на капитацијата која ФЗОМ ја плаќа за секој осигуреник за 10 денари, односно место сегашните 55 денари, капитацијата да биде 65 денари.
„Имаме енормен број пациенти и должни сме неограничено да ги примаме, без оглед дали состојбата е итна или не. Често се случува да им закажеме преглед да им испечатиме упат, и да не појдат на прегледот, а потоа пак доаѓаат и бараат да им закажеме нов термин. Сетоа тоа печатење хартија е реален трошок што го имаме. Затоа бараме да се воведе партиципација место манипулативен трошок. На сите други нивоа во здравствениот систем се плаќа партиципација за преглед“, вели Чолакова Дервишова.
Капитацијата која матичните лекари ја добиваат од ФЗОМ за лицата од 18 до 65 годишна возраст изнесува 55 денари, за деца до шест годишна возраст таа е 170 денари месечно, а за лица над 65 годишна возраст капитацијата е 203 денари.
„Оваа Влада во изборната програма вети дека до крајот на мандатот ќе го зголеми капитациониот бод на 90 денари. Ние веднаш не бараме капитацијата да е 90 денари, бидејќи ни е јасно дека нема пари и дека е криза, но бараме таа да се покаќи од 55 на 65 денари“, вели Чолакова Дервишова.
Последното покачување на капитацијата што ја плаќа ФЗОМ на матичните лекари се случи пред две години, кога од 50 денари беше покачена на 55 денари.
Матичните лекари бараат од ФЗОМ и од Министерството за здравство да се направат потребните законски измени со кои ќе се овозможи пациентот да бира матична амбуланта, а не матичен доктор, и лиценцата за работа во мрежата да гласи на приватната здравствена, а не на лекарот.
„Ова го бараме бидејќи во слуачај кога некој наш колега, кој е носител на лиценцата, почине, другиот лекар вработен во таа амбуланта останува на улица“, вели Чолакова Дервишова.
Засега матичните лекари немаат писмен одговор од ФЗОМ на нивните барања, но очекуваат дека за овие теми ќе се разговара на престојните преговори за буџетите за 2018 година.