Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев не сакаше да каже дали пријавил во Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи и останатите надлежни институции за индициите дека во Македонија со паралелен увоз влегуваат сомнителни лекови произведени во нелегални лаборатории Турција, кои јавно ги изнесе во интервју за неделникот Фокус.
Тој не одговори на писмените прашања што му ги упати САКАМДАКАЖАМ.МК, а во телефонски разговор кажа дека нема да коментира за работата на Обвинителството.
„Сѐ што имав да кажам веќе кажав во интервјуто, и немам намера да давам поединечни изјави. За Обвинителството не коментирам, и не е коректно да ме прашувате да зборувам за нешто што не е во домен на мојата работа“, рече Дончев.
Основното јавно обвинителство на прашањата од САКАМДАКАЖАМ.МК дали Дончев го пријавил случајот кај нив и дали ако не пријавил ќе почнат истрага по допрен глас, како и дали има веќе истрага независно од изјавите на Дончев, вели:
„Ве известуваме дека во Основното јавно обвинителство Скопје веќе има отворено предмет по допрен глас во врска со наводите за кои прашувате. Се преземаат дејствија за утврдување на факти и расветлување на предметот“.