Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, синоќа ги прифатил жалбите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и за тројца осомничени за организираниот напад во Собранието на 27 април за кои беше определен куќен притвор одлучил да го преиначи решението и да ги испрати во истражниот затвор Шутка, соопшти Кривичниот суд. Против осомничените М. П., Г. Ѓ. и Е. Д. Б., определена е мерка притвор во траење од 30 дена.
Кривичниот совет денеска ќе одлучува по жалбите и за другите обвинети за кои Обвинителството бара притвор, а не куќен притвор, како и за жалбите на дел од притворените во затворот во Шутка кои бараат да одат во домашен притвор.
Вчера беше определен притвор и за три лица кои беа подоцна приведени или сами се пријавиле, а се дел од групата од 36 осомничени за организираниот напад на Собранието на 27 април. Тие се осомничени во истражната постапка за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Минималната казна за ова кривично дело е 10 години.
На 29 ноември Основниот суд Скопје 1 им изрече мерка притвор на 13-мина од осомничените, вклучувајќи ги Митко Чавков, и Игор Дурловски и Богдан Илиевски Бетмен, водачи на неформалното здружение кое што беше инспиратор на протестите што доведоа до организираниот напад во Собранието на 27 април. Шестмина добија куќен притвор, меѓу нив беа и Борис Дамовски и Владо Јовановски другите водачи на „За заедничка Македонија“.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера кажа дека сè уште се трага по 12 од 36 осомничени.