СУДСКАТА ПОЛИЦИЈА ЌЕ ДОБИЕ НОВИ УНИФОРМИ ПО 15 ГОДИНИ

    СУДСКАТА ПОЛИЦИЈА ЌЕ ДОБИЕ НОВИ УНИФОРМИ ПО 15 ГОДИНИУниформите што сега ги имаат судските полицајци ги наоѓаат сами, најчето од колеги од другите институции или ги купуваат на старо, ги носат додека не се распаднат и ги крпат за да издржат некој ден повеќе (Фото: СДК.МК)

    Судската полиција ќе добие нови униформи на почетокот на наредната година. По пишувањето на САКАМДАКАЖАМ дека полицајците кои ги обезбедуваат највисоките судски институции во државата носат униформи од бувљак и оружје од криминалци, судовите добиле наредба да набават нови униформи. Во Основниот суд во Куманово одвоени се 68.000 денари за набавка на нови униформи, а иста била постапката и во другите судови. Тендерот ќе биде распишан деновиве.

    Полицајците не знаат дали парите се пуштени од Судскиот совет или судовите ги обезбедуваат од сопствениот буџет, но им било речено дека со износот што го има ќе се купи она што тие сметаат дека е најнеопходно во моментот.

    „Со колегите се договоривме да ни набават панталони, џемпер и летни јакни. Ние сме седум судски полицајци и за секој комплет испаѓа по околу 9.800 денари за секого од нас. Тендерската постапка треба да заврши до крајот на годината и додека се изработат униформите ќе помине и јануари. Нема пари за цела униформа, но подобро нешто отколку ништо“, велат полицајците од Кумановскиот суд.

    Тие додаваат дека според правилникот на службата, нова униформа им следува за секоја сезона летна и зимска, кошули и панталони секоја година, чевли на две години, палта на три. За овие 15 години, неколкупати им земале мерка, но новите униформи уште ги чекаат.

    Полицајците пред еден месец за САКАМДАКАЖАМ се пожалија дека на работа одат во искинати палта, ветви и износени панталони, патики место чевли, стари вратовски и шапки. Повеќе од 15 години не добиле работни одела, па наместо унифицирана службена униформа, која им следува со закон, носат скината облека со што се понижуваат себеси и институцијата што ја претставуваат.

    Униформите што сега ги имаат ги наоѓаат сами, најчето од колеги од другите институции или ги купуваат на старо. Ги носат додека не се распаднат и ги крпат за да издржат некој ден повеќе.

    „Тоа што го носиме е од полицајци кои одат во пензија, што се смилувал некој да ни даде. Оваа јакна е летна, а ја носам и во зима. Доаѓаме во летни панталони, летни кондури, во кошули со кратки ракави. Купуваме пантолони и кошули слични како од униформа, колегата носи патики на униформа. Купуваме каде што ќе најдеме, на бувљак, на пазар“, кажуваа полицајците.

    Полицајците се жалат дека тие се служба за која никој не се грижи, па државата досега не им обезбедила ни соодветно службено оружје, туку користат правосилно одземени пиштоли од криминалци, а некои и воопшто немаат оружје.

    Барањата за нова униформа и ред други проблеми со кои се соочуваат, велат дека редовно ги доставуваат до секоја влада и нов министер, но никој досега не направил ништо за да им помогне. Се надеваат дека сегашната влада ќе има разбирање за нивните проблеми и ќе помогне тие да се решат, бидејќи и тие се служба со овластувања и треба да го имаат истиот третман како нивните колеги во другите министерства.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира