СУДСКАТА ПОЛИЦИЈА СО УНИФОРМИ ОД БУВЉАК И ПИШТОЛ ОД АЦЕ ЦИГАНОТ

    СУДСКАТА ПОЛИЦИЈА СО УНИФОРМИ ОД БУВЉАК И ПИШТОЛ ОД АЦЕ ЦИГАНОТУниформите што сега ги имаат судските полицајци ги наоѓаат сами, најчето од колеги од другите институции или ги купуваат на старо, ги носат додека не се распаднат и ги крпат за да издржат некој ден повеќе (Фото: СДК.МК)

    Искинати палта, ветви и износени панталони, патики место чевли, стари вратовски и шапки носи полицијата што ги обезбедува судовите во Македонија. Судските полицајци се жалат дека повеќе од 15 години не добиле работни одела, па наместо унифицирана службена униформа, која им следува со закон, носат скината облека со што се понижуваат себеси и институцијата што ја претставуваат.

    Униформите што сега ги имаат ги наоѓаат сами, најчето од колеги од другите институции или ги купуваат на старо. Ги носат додека не се распаднат и ги крпат за да издржат некој ден повеќе.

    Судската полиција над 15 години нема добиено униформи (Фото: СДК.МК)

    „Судската полиција над 15 години нема добиено униформи. Тоа што го носиме е од полицајци кои одат во пензија, што се смилувал некој да ни даде нешто од униформата што повеќе не ја користи. Оваа јакна што ја носам е летна, а ќе ја носам и во зима. Доаѓаме во летни панталони, летни кондури, во кошули со кратки ракави. Купуваме пантолони и кошули слични како од униформа, колегата носи патики на униформа што сам си ги купил. Купуваме каде што ќе најдеме, на бувљак, на пазар“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК судските полицајци од Куманово.

    Тие кажуваат дека многу често донираната половна униформа или онаа која сами ја купуваат, не им одговара ни по конфекциски број.

    „Ако е тесно ќе се попушти, ако е кратко ќе се одврати, ќе го прилагодиш за себе и ќе носиш. А и на кого му е гајле дали е по стандард и по закон. Сами се снаоѓаме и гледаме колку-толку да личиме на нешто. Немаме право да облечеме цивилна облека, бидејќи се знае како треба да изгледа службено лице. Срамота од странките, од надвор кога се гледа не е убаво. Како ќе нè почитуваат кога нè гледаат во скината униформа?“,  прашуваат судските полицајци.

    Тие велат дека според правилникот на службата, нова униформа им следува за секоја сезона летна и зимска, кошули и панталони секоја година, чевли на две години, палта на три. За овие 15 години, неколкупати им земале мерка,  но новите униформи уште ги чекаат.

    Полицајците се жалат дека тие се служба за која никој не се грижи, а тоа нивно тврдење го поткрепуваат со фактот дека државата досега не им обезбедила ни соодветно службено оружје, туку користат правосилно одземени пиштоли од криминалци.

    „20 години не ни дадоа оружје. Ова оружје што сега го носиме е одземено, старо, го извадија од подруми и ни го дадоа не реверс. Оружјето не е формациско, туку е на кого што му се паднало. Конкретно, моето оружје е од Аце Циганот. Не е испитано ни дали е исправно. Откако постои судската полиција, не сме биле ни на едно вежбовно гаѓање. Немаме ни технички средства, лисици, гумени палки, гас маски. Во судовите фалат и судски полицајки, па тоа прави дополнителен проблем кога треба да се направи претрес на некоја жена“, велат полицајците.

    Судската полиција го одржува јавниот ред и мир во судовите и е под надлежност на Министерството за правда. Немаат синдикат, ниту пак некој се бори за нивните права.

    „Ние сме како тринаесетто прасе, полицајци сме, ама не сме во МВР, не сме ни затворска полиција. Кога треба да одработиме тука сме, а кога треба да ги оствариме своите права никој не нè ферма“, револтирани се полицајците.

    Барањата за нова униформа и ред други проблеми со кои се соочуваат, велат дека редовно ги доставуваат до секоја влада и нов министер, но никој досега не направил ништо за да им помогне. Се надеваат дека сегашната влада ќе има разбирање за нивните проблеми и ќе помогне тие да се решат, бидејќи и тие се служба со овластувања и треба да го имаат истиот третман како нивните колеги во другите министерства.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира