Заводот и Музеј Охрид поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Охрид против поранешната директорка на оваа установа Тања Паскали Бунташеска, поради нанесена финансиска штета врз Буџетот на РМ од 123.000 евра, настаната од непостапување по судска одлука, соопшти Министерството за култура. Станува збор за судски спор за потпорните ѕидови до музејскиот комплекс „Куќа на Робевци“ меѓу установата и еден од соседите.
Како што велат од министерството, судската постапка завршила со правосилна пресуда за вознемирување на правото на сопственост на тужителот од страна на тужениот Завод и Музеј Охрид во декември 2009 година и со пресудата, Завод и Музеј Охрид бил задолжен да отстрани делови од градби – ѕидови од парцелата на тужителот.
„Но, поранешната директорка на Завод и Музеј Охрид не го сторила тоа, а тужителот повел постапка за изрекување на судски пенали заради неизвршување на пресудата од декември 2009 година. Постапката завршила со пресуда на Апелациониот суд – Битола, со која биле изречени судски пенали во висина од 3.000 денари дневно. И покрај ваквото задолжение со дневни судски пенали, поранешната директорка и одговорно лице на Завод и Музеј – Охрид не пристапила кон рушење на ѕидовите по судската пресуда, со што би се избегнало плаќањето на дневните пенали“, соопштија од Министерството за култура.
Според министерството, до овој момент, штетата која е предизвикана од неизвршувањето на службената должност на поранешната директорка изнесува вкупно 7.561.507 денари, или околу 123.000 евра.
Обврската за рушење на ѕидовите по судската пресуда, велат од министерството, е конечно исполнета од новото раководство на ден 05.12.2017 година – и тоа за само неколку часа и за трошоци од 500 евра.