Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Иван Џолев денеска им го соопштил новиот Годишен распоред за работа на судиите во овој суд, според кој комплетно е сменет одделот за организиран криминал и корупција, каде што беа судии блиски на претходната власт, а ќе почне да важи од 1 јануари 2018 година.
Судијката Татјана Михајлова која го води предметот за шамарите во Центар против експремиерот Никола Груевски, од организиран криминал преместена е во судот за прекршоци, каде што ќе и се придружи „сваровски судијката“ Лидија Петровска, кај која за судење се паднаа три предмети на СЈО.
Одделението за организиран криминал и корупција со новиот распоред е комплетно сменето. Од старата постава таму ќе продолжи да суди само судијата Горан Бошевски. Со Одделот ќе раководи судијката Васка Масевска – Николовска. Покрај неа и Бошевски, во составот се долго маргинализираните судии: Владимир Туфегџиќ, Огнен Ставрев, Дарко Тодоровски, Џенета Бектевиќ, Софче Гавриловска, Добрила Кацарска и Осман Шабани.
Дополнително Џолев треба да одлучи кои предмети на СЈО што ги водеа досегашните судии од организиран, најверојатно, ќе ги преземат новите судии на организиран криминал и корупција.
Весна Димишкова останува судија на претходнa постапка во одделот на организиран криминал во Кривичниот суд. Таму се и судиите Ненад Савески и Седат Реџепагиќ, кој ќе раководи со овој оддел.
Според информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК, има измени и во распоредот на судиите во кривичниот оддел за полнолетни. Сите судии за кои Џолев имал информации и докази дека биле послушници на претходната власт и кои ја блокирале работата на Специјалното јавно обвинителство, преместени се во одделот за прекршоци.
Експретседателот Владимир Панчевски во негово и во времето на Михајлова кога беше в.д. претседател, имаше поднесено претставки за разрешување против сите судии кои ги маргинализираше, а кои Џолев сега ги врати да работат во најважните оддели, како што е одделот за организиран криминал. Но, никој од судиите што ги гонеше, на крајот не беше разрешен.
С. К. ДЕЛЕВСКА