„Претседателот на партија е добро и е тука, нема потреба од загриженост„ изјавил за агенцијата Мета, Иво Котевски, директор на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ на прашањето која е причината за отсуството на поранешниот премиер.
Мета пресметала дека точно 12 дена, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не се појавил во јавноста, со изјава или промоција на проект. Последен пат тој беше забележан од камерите на 28 април годинава, на промоцијата на проектот „Од град во село за нов почеток“, во Музејот на ВМРО.
Неколку провладини медиуми објавија фотографии на Груевски со семејството и на 29 април, на Велики Петок во црквата Света Петка во Скопје.
Единствено, во јавноста се појавија негови фотографии по средбата со пратеничката од Европскиот парламент, Маријана Петир, која се одржа на 6 мај годинава.
Агенцијата потсетува дека и лани метото исто така, медиумите го бараа тогашниот премиер, но неколку дена немаше никаква информација за него. Подоцна на „Твитер“ се појави информација дека тој е на одмор во Израел.
Вчера за „Мета“ извори од партијата на власта изјавиле дека меѓународната заедница има секојдневни разговори со лидерите на партиите и излегоа со можни сценарија за излез од кризата.
„Можеби и ние нема да учествуваме на изборите, ќе се откажеме, па ќе учествува некој трет, ќе освои 10.000 гласа и изборите ќе пропаднат. Или, ако странците инсистираат на некакво неповолно решение, можеби ќе излеземе од Владата, па СДСМ нека прави малцинска влада со кого сака“, изјавија неофицијални извори од владејачката партија.