АВСТРИЈЦИТЕ И ГЕРМАНЦИТЕ ИЗМАМЕНИ, НАМЕСТО КАРГО АЕРОДРОМ ВО ШТИП, ТУРЦИТЕ ЌЕ ГРАДАТ КАНАЛИЗАЦИЈА

    АВСТРИЈЦИТЕ И ГЕРМАНЦИТЕ ИЗМАМЕНИ, НАМЕСТО КАРГО АЕРОДРОМ ВО ШТИП, ТУРЦИТЕ ЌЕ ГРАДАТ КАНАЛИЗАЦИЈАСугарески кажа дека неговото министерство веќе ги има распишано тендерите и дека станува збор за средства во износ од 45-46 милиони евра. - Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на владина седница (Фото: Влада)

    Средствата што турската компанија „ТАВ Македонија“ ги имаше предвидено за пропаднатиот проект за изградба на карго аеродром во близина на Штип ќе се пренаменат за јавни добра, во најголем дел за изградба на канализација, вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

    Австриската компанија што стoпанисува со Виенскиот аеродром и германската компанија Фрапорт што стопансува со аеродромот во Франкфурт и десетина аеродроми во Европа и Турција пред десет години се откажаа од трката за македонските аеродроми токму поради инсистирањето на Владата на Груевски да се гради аедродром во Штип.

    Сугарески, кој вчера беше во посета на патарината Сопот близу Велес, кажа дека неговото министерство веќе ги има распишано тендерите и дека станува збор за средства во износ од 45-46 милиони евра.

    „Ќе ги вложат во јавни добра, кои се од јавен интерес на граѓаните на Република Македонија. Во најголем дел ќе бидат за канализација, за проекти кои што Министерството за транспорт и врски веќе ги има распишано тендерите. Тоа се средства во висина од 45-46 милиони евра и се за посебен интерес“, изјави министерот Сугарески.

    Во 2007 година, холандската компанија „НАКо“ беше ангажирана од македонската влада како консултант да изработи студија со концесиски модел за развој на Скопскиот и на Охридскиот аеродром и за можностите за изградба на карго аеродром во Штип. Холанѓаните оценија дека изградбата на карго аеродром во Штип е некомерцијална, но оставија на владата да ја донесе конечната одлука. Според студијата, изготвена пред 10 години од „НАКо“, изградбата на Штипскиот карго аеродром е технички изводлива, но станува збор за нерационално решение.

    Тогашната влада на Никола Груевсии, сепак, реши карго аеродромот да се гради и во договорот за концесија на двата постојни македонски аеродроми, потпишан со ТАВ во 2008 година, предвидено е турската компанија, во пакет со реконструкцијата на Скопскиот и Охридскиот аеродром, да го изгради и Штипскиот аеродром, а потоа да ѝ го даде на управување на владата.

    Интерес за концесија на Скопскиот и Охридскиот аеродром тогаш изразија Виенскиот аеродром и компанијата што стопанисува со аеродромот во Франкфурт и десетина други аеродроми Фрапорт, но баш заради условувањата со Штипскиот аеродром се откажаа од натпреварот со Владата на Груевски.

    Како причина зошто Турците не започнаа со изградба на карго аеродром близу Штип, наведени беа силината и правецот на ветрот на тоа подрачје, поради што на тоа место наводно не е можна негова изградба.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира