Машката ракометна репрезентација не успеа за првпат во својата историја да ја победи Германија, но, сепак, пренесува големи три бода во вториот круг од Европското првенство во Хрватска, што ќе се игра во Вараждин.
Македонија одигра нерешени 25:25 со актуелниот европски првак и тоа ѝ беше доволно за да го освои првото место во Ц-групата во Загреб, нејзин најдобар резултат во првата фаза од големите натпреварувања досега.
Стојанче Стоилов имаше идеална можност да ѝ донесе победа на Македонија, но од чиста позиција не успеа да го совлада германскиот голман Силвио Хајнефетер на 15 секунди до крајот на средбата. Во продолжението од мечот, ниту Германија не дојде во позиција да му се закани на Борко Ристовски.
Како првопласирана во групата, Македонија ќе го има првиот меч од втората фаза дури в недела, а противници ќе ѝ бидат Шпанија, Данска и Чешка, која ја елиминираше Унгарија.