ЖИТЕЛИТЕ НАПРАВИЛЕ ДЕПОНИЈА ПРЕД СТРЕЖЕВСКО ЕЗЕРО ИАКО ИМА ЗНАК „ЕКОЛОШКИ ЗАШТИТЕНА ЗОНА“

    ЖИТЕЛИТЕ НАПРАВИЛЕ ДЕПОНИЈА ПРЕД СТРЕЖЕВСКО ЕЗЕРО ИАКО ИМА ЗНАК „ЕКОЛОШКИ ЗАШТИТЕНА ЗОНА“„Еколошки заштитена средина“ пишува на таблата пред која е фрлен отпад близу реката Црна пред вливот во Стрежевското Езеро, од каде Битола во сушните периоди користи вода за пиење (Фото: СДК.МК)

    Иако на таблата јасно пишува „Еколошки заштитена средина“, сепак е фрлено куп комунален отпад во непосредна близина на реката Црна пред вливот во Стрежевското Езеро, од каде Битола во сушните периоди користи вода за пиење. На самиот брег наидовме на исфрлени велосипедски и тракторски гуми, износена облека, градежен шут, шталско ѓубре, а дел од расфрланите пластични шишиња завршиле в река. Дека некој инцидентно не го фрлил тука ѓубриштето, туку дека има навика тоа да го прави, заклучивме по остатоците од потпален отпад.

    Оваа дива депонија се наоѓа во атарот на битолското сточарско село Лера. На депонијата имаше и  гумени обувки, какви што сточарите користат во шталите (Фото: СДК.МК)

     

    Оваа дива депонија се наоѓа во атарот на битолското сточарско село Лера. Буквално на неколку метри до коритото изградени се краварски фарми. На депонијата имаше и  гумени обувки, какви што сточарите користат во шталите. Жителите од Лера не сакаа јавно да зборуваат за проблемот, туку дофрлаат дека Езерото е далеку и не може малку отпад да го загади.

    Буквално на неколку метри до коритото изградени се краварски фарми (Фото: СДК.МК)

    Од Јавното претпријатие „Стрежево“, кое стопанисува со акумилацијата, велат дека будно ја следат состојбата на терен, редовно се вршат контроли, а во соработка со  јавнот претпријатие „Комуналец“ ги чистат депониите за да не ја загадат водата. Пред десетина дена ја исчистија депонија од пелени што некој ги исфрли во близина на Езерото.

    „Вршиме  перманенто следење на состојбите во сливното подрачје за обезбедување на ефикасна заштита и зачувување на квалитетот на водите кои се вливаат во акумулацијата. Стручните служби вршат следење на состојбите посебно во населените места од непосредното сливно подрачје од аспект на отстранување на фекални води, отпадните води од сточарските фарми, депонирање на цврстиот отпад. Евидентираме прекршители, изготвуваме фотографска документација, снимање, документирање на лице место“, вели Менде Граматковски, директор на ЈП „Стрежево“.

    Жителите од Лера не сакаа јавно да зборуваат за проблемот, туку дофрлаат дека Езерото е далеку и не може малку отпад да го загади (Фото: СДК.МК)

    Претпријатието нема законска можност да казнува, па материјалите ги доставува до инспекциските служби. Воедно, работи  и на подигање на еко свеста кај граѓаните .

    „Имаме изработено Прирачник за користење на рибниот фонд од рекреативната зона на акумулацијата, кој се дава задолжително со секоја издадена дозвола и во која меѓудругото има и список на поважни телефони од задолжени лица за оваа проблематика во претпријатието и надлежните државни институции, со цел да се овозможи благовремено известување од граѓаните во случај на загадување на водата или помор на риби, загадување на околината, во и околу водата, како и евентуални незаконски дејствија“, вели Граматковски.

    Од Стрежевското Езеро со сирова вода се снабдува ЈП „Водовод“, кое потоа пречистена ја дистрибуира до водокорисниците во Битола и околните села. Од тука вода користат РЕК и други фабрики. Повеќе години постои и физибилити студија за изградба на колекторски систем на акумулацијата , но комплетната реализација на проектот неколкукратно го надминува буџетот на претпријатието. Во иднина ќе се бараат средства од европските фондови и други донации.

    Од Јавното претпријатие „Стрежево“, кое стопанисува со акумилацијата, велат дека будно ја следат состојбата на терен, редовно се вршат контроли, а во соработка со јавнот претпријатие „Комуналец“ ги чистат депониите за да не ја загадат водата (Фото: СДК.МК)

    Квалитетот на водата во акумулацијата покрај ЈП „Стрежево“ кое располага со сопствена лабораторија ја следи и Центарот за јавно здравје од Битола.

    „Според уредбата за категоризација на водотеците, водите во акумулациите се класифицирани во втора класа, што значи може да се користи водата за пиење по претходна преработка. Во 2017 година беа земени 13 мостри и беа бактериолошки и физичко-хемиски исправни, само две мостри покажаа квалитет од трета класа, но тоа беше период  кога имаше интензивни врнежи . Потоа, пак од истите места зедовме мостри и беа во ред, односно од втора класа“, вели Емилија Богоевска, специјалист по хигиена во Центарот за јавно здравје во Битола.

     

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира