Поранешниот портпарол на Белата куќа Шон Спајсер призна дека направил големи грешки додека работел за Доналд Трамп, но додаде дека не жали што ја прифатил функцијата.
Тој беше потсетен на некои од своите најпознати моменти како портпарол за време на интервјуто за Ем-Ес-Ен-Би-Си.
„Уживав што седев во првиот ред на историјата, тоа беше животна шанса. Дали направив грешки? Апсолутно!“, кажа Спајсер, кој поднесе оставка во јули.
Водителот Крег Мелвин беше упорен во прашањето дали жали што ја прифатил работата.
„Жалам за некои работи со коишто се посрамотив себеси, моето семејство, моите пријатели, сите кои беа мои големи поддржувачи. Тоа беше како повреда што си ја нанесов на самиот себеси. Кога нешто ќе зафркнеш, тоа не се однесува само на тебе, туку ја посрамуваш целата администрација, целиот американски народ нема да биде задоволен“, призна Спајсер.
Тој поднесе оставка откако го даде своето мислење за назначувањето на Ентони Скарамучи за нов директор на комуникации на Белата куќа. На негово место дојде Сара Хакаби Сандерс.