Лекторскиот испит по четири години застој повторно ќе се полага, рече денеска министерот за култура Роберт Алаѓозовски.
Министерството за култура направи измени на Законот за употреба на македонскиот јазик со кои се укинува одредбата на претходното раководство испитот да се полага електронски, која всушност воопшто и не се ни применуваше. Со измените повторно се враќа на сила старата одредба со која лекторскиот испит се полага пред Комисија составена од претседател и двајца членови, стручњаци од областа со мандат од четири години, со можност за повторно именување.
„Јас бев една од оние кои бевме против измените за добивање лекторски лиценци. И тогаш кажувавме дека невозможно е тест за лектори да се прави компјутерски. Тоа се покажа и во пракса, па изминативе 4 години не можеше да се полага лекторски испит и никој немаше добиено лиценца. Со новите измени кандидатите ќе полагаат најпрво влезен тест, потоа тест за лекторирање на текстови и на крај устен испит“, рече Искра Пановска Димкова, претседателка на Комисија за полагање лекторски испит.
Лекторскиот испит не се спроведуваше од 2013 година, кога тогашната Влада со измени на Законот одлучи лиценците за лекторите да се добиваат по пат на компјутерски испит. Софтвер беше изработен, но по изработката се утврдило дека е неприменлив и несоодветен, поради што изминативе четири години не беше дадена ниту една лиценца на лектори.
„Иако решението беше неспроведливо, преку Владата досега за изработка на софтверот се исплатени 327.918 денари, за негово одржување за 17 месеци се исплатени 71.502 денари и 40.781 денари за обука на Комисијата за изготвување бази на прашања за полагање испит за добивање на лекторска лиценца и за Комисијата за верификување на прашањата од првиот дел од испитот и на прашањата и практичните примери од вториот дел од испитот за добивање лекторска лиценца. Ние направиме законски измени кои поминаа во Собранието и кон почетокот на годинава стапија на сила и со тоа повторно лекторскиот испит ќе се полага“, рече денеска министерот Алаѓозовски.
А. АНТЕВСКА