2009 – САМУИЛОВИТЕ СЛЕПЦИ ЧЕКААТ ВЕСТИ

a:2:{s:14:"td_primary_cat";s:2:"21";s:11:"td_subtitle";s:109:"ТиебожемќенéприматвоЕУ,аниебожемќегосменимеимето.

    Драги мои, Еве изминува и деветнаесеттата година откако го пишувам “Сакам да кажам”. И морам да ви признаам дека овој пат имав најтешка задача за новогодишниот број. Едноставно, не знаев што да издвојам. Затоа што ова беше година кога имам најмногу повторувања на теми. Како времето да застанало во оваа наша вечна Македонија. Име, црква, споменици, Александар, Бранко… И чекање… Дали датум, дали инвестиции. Цело време нешто чекаме. Да си посакаме 2010 да ни биде многу посреќна и многу поуспешна од оваа која вечерва ќе си замине. И не само да си посакаме. Туку да си дадеме шанса и да почнеме еднаш сами да работиме на тоа да бидеме посреќни.

    24 јануари
    Внимание, внимание. Овој викенд не излегувајте од дома. Или, ако веќе морате, маскирајте се со капи, шалови, чадори, бради, со мустаци… Или правете се помлади од 40 години. Постои голема опасност некој да ве препознае на улица и да ви понуди да бидете претседател на Македонија. На ВМРО-ДПМНЕ ѝ треба уште некој што ќе се јави на конкурсот до утре. Или што ќе го поддржат група интелектуалци. Колку за да биде изборот на \орге Иванов уште подемократски. А на СДСМ му треба кој било. Не треба поддршка ни од интелектуалци. Кој било. Само да не мора пак да биде само Бранко. Резултатите од анкетите за популарноста на претседателските кандидати ми личат како да те анкетирале од што болест сакаш да се разболиш. Па гласаш за:
    а) пневмонија
    б) грип
    в) рак
    г) сида.
    За што да гласаш? Ако веќе мора да се разболувам, тогаш барем нека биде нешто што има шанса најлесно да се излечи.

    21 февруари

    Откако Груевски кажа дека Македонците не треба да се делат на антички и на словенски, СДСМ одговори дека токму ВМРО-ДПМНЕ прва почнала да го дели народот. Сега вистинското прашање не е кој прв почна туку кој прв ќе престане. Оти за овие три години додека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ забегуваа во антикомунизам и антика, не видов дека некој од СДСМ се истакна со концепт за обединување и помирување. Единствено што понудија е исмевање со антиката и букефализмот. Што направија тие од што беа толку паметни и имаа идеи? Го најдоа Фрчко. И така, плукаат едните, плукаат другите, прес на едните, прес на другите и, покрај сите поделби што ги имавме на
    а) Македонци Албанци,
    б) комуњари антикомунисти
    в) србомани бугарофили
    г) верници атеисти
    д) за абортус против абортус,
    ѓ) провладини невладини организации антивладини невладини организации, на крај го поделија народот на Македоноиди и Соросоиди.

    11 април
    1 Кандидатот на СДСМ за претседател Љубомир Фрчкоски, откако му честита на \орге Иванов за победата, рече: “Господ нека ѝ е на помош на Македонија”. Фрчко, веројатно, мислеше дека само Господ може да го замени Бранко. Или, пак, дека откако ќе си замине Бранко, во Македонија ќе биде потоп. Но противкандидатот Иванов најсериозно ја сфатил пораката на колегата од факултет. И го послуша. Првата работа што ја направи другиот ден по изборот, беше да оди во црква и да запали свеќа. Да му се помоли на Господ за да не биде потоп.

    30 мај
    Пратеничката на ДУИ Теута Арифи ѝ се закани на Владата дека “ако до крајот на годината не се реши прашањето за името и не се напредува во евроинтеграциите, Албанците во Македонија ќе бараат нови алтернативи”. Кои се тие нови алтернативи? И каде ќе ги барате? Во Албанија или на Косово? Или имате некои други алтернативи кои ние не ги знаеме. Кажи ни Теута, може и ние Македонците сакаме да дојдеме со вас.

    27 јуни
    Зошто светската криза во Македонија ќе дојде последна? За да си умре дома.

    1 август
    Кога правевме мајтап со покојниот претседател Борис Трајковски, некако му стоеше мајтапот. Човекот бил секретар на молерска задруга. Плус, во ВМРО-ДПМНЕ кога го предложија за Претседател, не глумеа некоја демократија. Го избра Доста, го донесе во Универзална сала, седна до него и делегатите го изгласаа. Си викам, на \оле ни мајтап не му стои. Ај што не е секретар на молерска задруга. Туку е професор на факултет. Еееј, Претседателот ни е доктор \орге Иванов, и тоа доктор по правни науки. Плус, не беше ВМРО-вски кандидат. Едночудо професори, академици, ректори, студенти, писатели и независни интелектуалци се испотпишаа на неговата кандидатура. Којзнае колку се горди сега на својот потпис.

    8 август
    На Мечкин Камен за Илинден ништо ново. Освен што оваа година заедно со комитите, дефилираше и фалангата на Александар Македонски. Организаторот на Илинденската коњица рече дека античките војници им се придружиле на комитите за да докажеме дека Македонците не се од 1903 година туку уште од четвртиот век пред нашата ера. Кога ги гледав комитите и античките војници во ист строј, се сетив дека организаторите го заборавиле средниот век. Не влеговме белки преку ноќ од фустанчињата на Александар во бечвите на комитите. На Мечкин Камен фалеа Самуиловите војници. Навистина, каде се Самуиловите слепци? Тука се некаде. Мижат. И чекаат да заврши овој цртан филм. За да почнат вестите.

    3 октомври
    Сега, кога Енциклопедијата и официјално стана забранета книга, сфаќам дека сум направил добар бизнис затоа што побрзав да ја купам. Минатата сабота пишував дека можам добро да ја препродадам. Ама сега ќе си ја чувам како колекционерски примерок и континуирано ќе заработувам од неа… Единствено ме загрижува дека пиратеријата може да ми го уништи бизнисот. Оти, тука не помагаат ни американски ни британски интервенции. Слушам луѓе како се фалат дека спорното издание веќе го имаат во електронска форма и го шират со це-деа. Не сум проверил дали веќе го има пред “На-Ма” на картонските кутии со це-деа и дивиди меѓу градниците, гаќите и палома за 5 денари. Заедно со песните на Цеца, видеоклипот на Северина, погребот на Тоше, сигурно веќе може да се купи и Енциклопедијата на Блаже Ристовски. И кога ќе застанеш кај продавачот, ќе се пазариш дали да ја купиш “Згодна Цеца”, “Ебежлива Северина”, “Тажен Тоше” или “Горчлив Блаже”.

    24 октомври
    Го гледав завчера шведскиот амбасадор во Македонија Ларс Петер Фреден, кој на Владата ѝ порача дека до седми декември, кога министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ќе се сретнат и ќе решаваат дали да ѝ се даде на Македонија датум за преговори, остануваат уште само шест недели и еден ден. Денеска веќе има уште само пет недели и шест дена. Значи, пропуштени се два дена од она што и амбасадорот на ЕУ во Македонија Ерван Фуере го вика “најдобар момент за да се најде конечно решение со Грција”. Ова ме потсетува на периодот пред и по Букурешт, кога поранешната американска амбасадорка Џилијан Миловановиќ не пропушташе можност да каже дека “сега е времето да се реши проблемот”, “искористете го моментот додека Буш е претседател на САД”, “ако сега не го решите, којзнае кога и дали подоцна ќе имате таква можност”. Сега шведскиот амбасадор, како претставник на земјата која претседава со ЕУ до декември оваа година, ни порачува дека ова е “одлична можност, која нема да се повтори во догледно време”… Медијаторот Нимиц не свикува средба. Папандреу најавува дека ќе го менува преговарачот Василакис. А на Македонија ѝ истекуваат шесте недели во кои треба да покаже конструктивност во преговорите, а преговори нема. Ова е исто како на некоја девојка да ѝ викаш дека во рок од три дена мора да остане трудна. А таа баш тие денови не може да си најде партнер со кого да легне. Дури и да го најде, никој не гарантира дека ќе остане трудна, ама ајде да претпоставиме да се фати… Здрава е, ѝ се погодиле плодните денови, не ја боли глава, расположена е за секс… Дипломатски речено, најдобар момент и можност што нема да се повтори во догледно време. Ама никако да се најде маж за неа. Е ајде де, нека остане трудна. Нé притискаат нас, а не видовме дека ја притискаат и Грција. Впрочем, решението на проблемот не зависи само од Македонија. Да зависеше само од нас, проблем немаше ни да има. Така што, на пет недели и шест дена до денот кога очекуваме дека ЕУ ќе ни даде датум за преговори, голема е веројатноста на 7 декември 2009 во Брисел Македонија да помине исто како на 3 април 2008 во Букурешт.

    31 октомври
    Многумина ќе забележат дека Груевски самоиницијативно му се јавил на Папандреу, без да се консултира со избирачите. Ја пропушти можноста и за тоа да распише референдум за да го тестира референдумското прашање: Дали сте за Груевски да оди во Брисел со право да се сретне со Папандреу?

    28 ноември
    Прво ни даваа прашалници. Па ние одговаравме на нив. Потоа нé караа дека заостануваме со реформите. Па после нé фалеа дека успешно сме ги остварувале реформите, ама треба да продолжиме. После ептен нé фалеа и ни викаа дека многу добро ни оди, толку добро што ни сами не сме свесни за тоа. Па ни ставија некакви рокови. И викаа дека сега му е мајката за решение. Дошло време да се зграпчи моментумот. Ако не сега тогаш којзнае кога, или никогаш. Во меѓувреме, ни се заканија дека ќе дигнат раце од нас и оти сами треба да си го решиме проблемот. А решението е на дофат. И што научи Македонија од оваа приказна? Дека и богатите и силните, ама и помалку богатите и послабите, кога треба да си го заштитат сопствениот интерес, подготвени се да ги преземат сите мерки кои им стојат на располагање. Не се сомневам во нивната добра волја да ни помогнат и им верувам дека навистина нé сакаат. Ама знам дека, пред сé, и најмногу, тие се сакаат себеси и сакаат сами да си помогнат. Исто како што ние самите си се сакаме себеси. Само што имаме една мана. Ние повеќе сакаме тие нас да нé сакаат. И затоа се тресеме на сé што ќе кажат од Брисел, од Вашингтон, од Атина и од секое ЕУ претседателство кое се менува на шест месеци. На крајот на денот, целата оваа фрка околу тајната вечера со Билд и очекувањата од средбата на Груевски со Папандреу ќе се сведе на еден познат резултат. А тој е: Тие божем ќе нé примат во ЕУ, а ние божем ќе го смениме името.

    12 декември
    Овие шест месеци, за време на следното претседателство со ЕУ, едно е сигурно. Можеби датум за преговори нема да добиеме. Но датумот за одмор во Грција имаме време да го фиксираме.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира