Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ избра претседатели на повеќе партиски комисии, соопшти партијата.
За претседател на комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ е избрана Тања Каракамишева Јовановска, професор по уставно право и политички систем на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и член на Венецијанската комисија.
Поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески е нов претседател на Комисијата за локална самоуправа.
Поранешниот директор на болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје, докторот Виктор Камиловски ќе ја води комисијата за здравство, а со Комисијата за култура ќе раководи актерот Роберт Вељановски, поранешен директор на Драмскиот театар.
Соња Лепиткова ќе ја предводи Комисијата за животна средина и просторно планирање, а поранешниот министер за финансии Кирил Миновски, Комисијата за финансии и монетарни прашања. Христијан Делев е претседател на Комисијата за економија и инвестиции.
Извршниот комитет формирал и Антикорупциска комисија со која ќе раководи Тони Мекиноски.
Драган Данев е новиот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, откако досегашниот координатор Влатко Ѓорчев побарал да се повлече.
Ѓорчев побарал да се повлече поради голем обем на обврски и презафатеност, по што е назначен за претседател на партиската Комисија за семејни прашања и демографија.
ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека се формирани и комисиите за одбрана, правни работи, образование и наука и комисијата за европски и евроатлантски интеграции чии што претседатели ќе бидат избрани на некоја од наредните седници од Извршниот Комитет.