Специјалисти чекаат законски измени за да се вратат од приватните во државните болници. Важноста на законските одредби за директно преземање доктори од приватни во јавни здравствени установи истече во декември 2016 година.
Тие велат дека во случајов треба да се направат измени во Законот за здравствена заштита, со кои ќе се продолжи рокот на важење на условите под кои може специјалист директно со преземање да се вработи од приватна во јавна здравствена установа, бидејќи процедурата за вработување со редовен оглас трае многу подолго.
„Решив да се вратам во јавната здравствена установа во која работев претходно пред да заминам во приватна болница. Во државната болница им недостига кадар и сакаат да ме вратат назад, но за жал важењето на овие законски одредби за преземање истекол во декември 2016 година. Освен тоа ни кажаа дека треба овие законски одредби да се усогласат и со законите во надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација во делот за вработувања во јавен сектор. Така што оваа работа во моментов е закочена, а од друга страна во голем број болници недостига искусен и добар кадар“, вели специјалист од една приватна болница.
Лекарите велат многу полесно ќе се одлучат да го напуштат приватното и да се вратат во јавното здравство, доколку процедурата е полесна, отколку да следат конкурси и да чекаат со месеци додека да заврши целосната процедура со жалбените постапки.
Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната собраниска седница кажа дека работна група веќе подготвува целосна ревизија на Законот за здравствена заштита.
Тој кажа дека со измените на Законот, кои веќе се во процедура, ќе ги изменат и одредбите кои се однесуваат на преземање на лекари и средно медицински кадар од приватните во јавните здравствени установи, и дека со тоа очекуваат да се намали огромниот недостиг на кадри. Министерот најави дека со законските измени ќе се укине и плаќањето на лекарите по учинок, оти овој начин на вреднување на нивниот труд се покажал како неефикасен.
„Законот е веќе пуштен во процедура, очекуваме мислења од министерствата за финансии и за информатичко општество, како и од законодавната комисија. Паралелно на ова се работи на целосна ревизија на Законот за здравствена заштита од страна на работни групи и тука ќе се имплементираат достигнувања и искуства од европските земји“, кажа Филипче.
Измените на Законот за здравствена заштита токму во делот на плаќањето по учинок и укинувањето на економските директори лани најави и поранешниот министер Арбен Таравари, кој сега е градоначалник на Гостивар.
Премиерот Зоран Заев на собраниската седница, одговарајќи на пратеничко прашање, кажа дека ако обезбедат пари, крајна цел на преговорите што ќе ги почне Министерството за здравство со синдикатот ќе биде до крајот на годината платите на лекарите заедно со дежурствата да се движат од 68.000 до 70.000 денари.
Е. БОЧВАРОСКА