Пресудите за развод не стигнуваат од Основниот суд Скопје 2 до Управата за водење на матични книги.
По завршување на бракоразводната постапка се изготвуваат три примероци, по еден за сопружниците и еден за Судот кој по службена должност треба да го прати во Управата за водење на матични книги. Но, како што раскажува скопјанка која се јави во нашата редакција, ваквиот трет примерок никогаш не стигнува до Управата.
Граѓаните кои после разводот сакаат да сменат лични документи мораат да ги даваат своите примероци за развод, бидејќи во Управата таков документ нема или пак да одат во Основниот суд Скопје 2 и да прават преписи.
„Разведена сум во 2011 година. Пред еден месец отидов во Управата за водење матични книги за да сменам извод од матичната книга на родени. Ми рекоа дека документ за мојот развод немаат и дека треба да го остават мојот оригинален примерот оти не примаат копија и документ заверен на нотар или да одам во Судот и да барам препис, па тој да им го донесам. Зошто ни го задржува Судот третиот примерот кога никогаш не го доставува. Повторно ние треба да одиме и да бараме да ни се изготви препис или да го оставиме оригиналниот документ и да останеме без документ за развод“, вели 40-годишна скопјанка.
Од Управата за водење на матични книги признаваат дека имаат ваков проблем, односно дека ги немаат документите за развод на граѓаните, но проблемот го посочуваат во Основниот суд Скопје 2.
„Законска обврска има Судот да достави оригинална судска пресуда за развод на брак, но во пракса не е така. Вообичаено странките сами ги носат оригиналните примероци. Судот секогаш дава по три оригинали, па странките имаат и да достават во матичната служба, кое нешто стои во нивното лично досие. Во последно време судовите се поажурни, но за постари предмети не е сигурно. Ако нема оригинал, странката може да побара препис или копија од Судот кој ќе ја завери и потпише и таква може да се достави“, велат од Управата за водење на матични книги.
Од Основниот суд Скопје 2 пак тврдат дека пресудите редовно ги праќаат во Управата.
„По правосилноста на одлуката, Судот задолжително ја експедира пресудата до Управата за водење на матични книги, односно Судот постапува во рамките на позитивната законска регулатива во оваа област“, велат од Основен суд Скопје 2.
А. АНТЕВСКА