Со објавување во Службен весник на штотуку донесениот Закон за заштита на сведоци, СЈО ќе ги активира сведоците за кои постојано зборуваше дека не смее да ги спомене, зашто постоеше опасност уште истиот момент кога ќе ги предложи, да ги дознае цела Македонија и пошироко.
Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, заштитени сведоци ќе се појават најверојатно во истрагите што се водат за перењето пари во „Актор“, во „Скопје 2014“, во почнатата истрага за кражба со увозот на струја, каде има сомневања за нелегално присвоени огромни суми државни пари, кои отишле во приватни џебови, потоа за убиството на Мартин Нешковски и за други истраги.
Бидејќи Законот за заштита на сведоци се однесува во делот на процесните дејствија, СЈО ќе може веднаш да го примени и за веќе почнатите судски процеси, иако обвиненијата одамна се поднесени и сведоците и доказите се предложени.
Заштитени сведоци веднаш може да се појават во случаите за „Таргет и Тврдина“ и во предметите за изборни нерегуларности.
Заштитен сведок, појаснуваат од ова обвинителство, се користи за откривање на злосторничка група и за случаи на перење пари, а повеќето од 17-те поднесени обвиненија не се однесуваат на овие кривични дела, туку на други.
С. К. ДЕЛЕВСКА