На излезот од село Желино веднаш до автопатот кој води кон Скопје последниве месеци се интензивираат работите околу изградбата на нова индустриска зона во оваа општина од тетовскиот регион. Се градат индустриски погони, хали, магацини и разни други објекти, но во текот на изградбата на дел од овие објекти исечени стотина борови стебла од единствената шума која се наоѓа на поширокиот реон на Сува Гора.
Оваа борова шума е засадена во 60-тите години на минатиот век и претставуваше вистинско освежување и пријатна глетка во однос на целиот предел, каде што поради спецификата на земјиштето, растат само нискостеблести растенија. На ваквиот однос кон уништување на природата први реагираа тетовските екологисти.
„Оваа шума не само што беше убава по изглед туку таа беше и еден вид природна завеса за село Желино бидејќи ја апсорбираше прашината и издувните гасови од автомобилите од автопатот. Затоа таа шума требаше да се штити а не да се дозволи да се направи пренамена од шума во градежно земјиште и тука да се градат индустриски објекти. Таа шума беше еден вид генератор на воздух и е голема грешка што се дозволи нејзино сечење за некој да си остварува профити. Затоа апелираме да се прекине изградбата на објектите во делот каде е шумата за да се спаси она што остана од неа“, вели Аријанид Џафери од еколошкото друштво „Екогерила“ од Тетово.
Постапката за пренамена од шумско земјиште во индустриско за тука да се изгради индустриска зона, општината ја започнала уште во 2012 година. Поранешниот градоначалник на Општина Желино Фатмир Изаири во чиј мандат била донесена одлуката за изградба на индустриската зона вели дека целата постапка е легално извршена и дека тука нема ништо спорно.
„Ова е завршена работа. Индустриската зона не е на земјоделско земјиште, туку е камењар. Ние како општина, изградбата на индустриската зона ја дадовме на јавна дебата на која сите заинтересирани можеа да дадат свои забелешки, но тогаш никој не достави никакви коментари и барања. По ова, од Агенцијата за просторно планирање ги добивме и сите потребни дозволи за нејзина градба. Оние дрва што беа исечени ние сме ги надоместиле и сме посадиле други 1.300 дрва во општината“, ни изјави во телефонски разговор поранешниот градоначалник на општина Желино Фатмир Изаири.
Но, сепак не одело сè така мазно како што кажува поранешниот градоначалник Изаири. Од неформалниот разговор што го водевме со актуелниот градоначалник на Општина Желино Блерим Сејдиу и стручните лица од општината, поради сечењето на дрвата бил поведен спор со дирекцијата на „Македонски шуми“ бидејќи, како што ни беше речено, Агенцијата за просторно планирање не ја известила тетовската подружница на „Македонски шуми“ дека дала дозвола за сечење на шумата. Општина Желино во 2016 година го затворила спорот со „Македонски шуми“ на кое му исплатила надомест за исечените дрва.
„Согласно тогашниот Урбанистички План на општина Желино, беше проектирана нова улица според која требало преку пренаменето шумско земјиште да се изградат неколку локални патишта, што значело дека требало да исечат стотина парчиња дрва. За исечените дрва Општина Желино требаше да исплати надоместок согласно законските прописи. Поради ова Јавното претпријатие ‘Македонски Шуми’ покрена постапка против Општина Желино за неисплаќање на надоместокот за исечените дрвја. По ова, помеѓу Општина Желино и Јавно претпријатие ‘Македонски Шуми’ беше склучен договор за надоместок за изгубена дрвна маса. Општина Желино, врз основа на овој договор во 2016 година на ‘Македонски шуми’ му исплати 10 илјади евра за исечените дрва со што долгот во целост бил подмирен“, се огласи со соопштение актуелниот градоначалник на Општина Желино Блерим Сејдиу.
З. АНДОНОВ