Група економисти од Македонија и Бугарија во изминатите неколку години вршеле опсежни испитувања и анализи за да ги дијагностицираат патеките по кои се движат економиите во двете држави од почетокот на нивните транзиции до денес. Според резултатите, базирани на современа научна методологија, Македонија и Бугарија имаат сродна економска историја, поминале идентичен пат посебно по распадот на нивните општествени уредувања, а тоа придонело за речиси исто ниво на економски раст и развој.
„Сите анализи ги срочивме во книгата ‘Патеките на транзицијата: Емпириска анализа на македонската и бугарската економија’. Бугарија е еден од најголемите економски партнери на Македонија со годишна трговска размена од 300 милиони евра. Во тој контекст ги анализираме главните макроекономски перформанси на двете земји“, велат авторите, академик Гоце Петрески и доц. д-р Дарко Лазаров.
Коавторот проф. д-р Оливера Костовска работела на анализите околу директните инвестиции и нивното влијание врз продуктивноста, конкурентноста, динамиката и структурата на надворешните трговии на двете држави.
Поволно мислење за овој научен труд како прво вакво истражување на економиите на двете земји има и промоторот Таки Фити, претседател на МАНУ: „Истражувањата на младите научни работници даваат детални податоци од областа на економијата и имаат висока релевантност за Македонија затоа што на еден комплексен и студиозен начин детално се испитани изворите на економскиот раст и развој вклучувајќи ги и ограничувачките фактори, проблематиката поврзана со значењето на институциите и нивната ефикасност за динамизирање на економскиот раст со цел и двете економии да имаат уште поголем развој“.
Т. ЈОВАНОВСКИ