Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против 12 лица за несовесно работење во случајот со лекување на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, која почина од искривување на ’рбетот во февруари 2015 година и не дочека да појде на операција во странство. Од Обвинителството велат дека до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднеле обвинителен предлог против 12 лица за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Обвинителството предметот го оформил по допрен глас, кон кого подоцна била припоена и кривичната пријава поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и законскиот застапник на починатата Тамара.
„Како резултат на многубројните спроведени истражни дејствија во една темелна и сеопфатна преткривична постапка, беше утврдено дека сега обвинетите пет члена од Првостепената лекарска комисија за одлучување по правото на лекување во странство, во рамките на Фондот за здравствено осигурување го донеле првичното негативно мислење за лекувањето на Тамара Димовска. Мислењето дека не се исцрпени можностите за лекување на пациентот во Република Македонија тие го донеле по истекот на законски предвидениот рок и е спротивно на мислењето на Стручниот конзилиум на Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација и интензивно лекување“, соопшти Обвинителството.
Во образложението од ОЈО за поднесеното обвинение стои дека обвинетите од Првостепената лекарска комисија, при одлучувањето предвид ја зеле изјавата на тогашниот министер за здравство Никола Тодоров, кој најавил дека пациентите со деформитет на ’рбетот во иднина нема да одат да се лекуваат во странство, затоа што оперативните зафати ќе се вршат во новоформиран Спинален центар на Клиниката за ортопедски болести во Скопје.
„Постапувајќи по ваквото мислење, двајца од обвинетите во својство на директори на Фондот за здравствено осигурување донеле Решение со кое барањето за лекување во странство се одбива како неосновано. Истото Решение било потврдено и од сега обвинетите членови на Второстепената лекарска комисија, а конечно потпишано од обвинетото лице во својство на претседател на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување, без притоа да се одржи седница на Управниот одбор“, стои во образложението од ОЈО.
Во случајот на Тамара од Велес и покрај конзилијарните мислења од Клиниката за трауматологија, ортопедија, анестезија, реанимација и интензивно лекување, дека ѝ е потребна операција во странство, лекарските комисии при ФЗОМ на два наврати го одбиваат барањето за лекување во странство. Во меѓувреме во 2014 година беа организирани и хуманитарни настани за да се соберат средства за лекување на Тамара во Турција, но тогашниот министер за здравство Тодоров јавно кажа дека Тамара ќе ја добие потребната медицинска грижа по што запреа хуманитарните активности.
Родителите на Тамара одобрението за лекување во странство го добија од ФЗОМ два дена по смртта на девојчето, а по силни реакции од јавноста и повеќедневни протести оставки дадоа директорите на ФЗОМ Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази.
Обвинителството вели дека во текот на истрагата ја побарале и обезбедиле целокупната документација поврзана со лекувањето на Тамара, а преку Основното обвинителство Велес го презеле и секциониот протокол со Институтот за судска медицина ја утврдува конкретната причина за смртта.
ОЈО вели дека ги отфрлило кривичните пријави против две лица за несовесно работење во службата, како и едно лице за злоупотреба на службена положба и овластување од член.
„За овие три лица беше утврдено дека немале овластувања да одлучуваат и не учествувале во одлучувањето за лекувањето на починатото дете“, велат од ОЈО.