Марго Кидер, канадската актерка која се прослави со улогата на репортерката Лоис Лејн во серијалот филмови за Супермен, почина на 69-годишна возраст во својот дом во Монтана, но причина за смртта не беше наведена.
Кидер ја почна актерската кариера кон крајот на 60-ите години и првите значајни улоги ги оствари во култните хорори „Сестри“ и „Црн Божиќ“. Сепак, со светска слава се стекна кога Ричард Донер ѝ ја додели улогата на Лоис Лејн во „Супермен“ во 1978 година, кој не само што беше најголемиот успех на студиото „Ворнер брос“ дотогаш, туку претставува и пресвртна точка во филмските адаптации на стрипови.
Кидер ја повтори оваа улога и во наредните три филма, а потоа нејзината кариера беше засенета од менталните проблеми, свртувајќи се повеќе кон општествен и политички активизам.