ПРОКИСНАА НОВИОТ ТЕАТАР И НОВИОТ ПОКРИВ НА СПОРТСКАТА САЛА ВО ВЕЛЕС

    ПРОКИСНАА НОВИОТ ТЕАТАР И НОВИОТ ПОКРИВ НА СПОРТСКАТА САЛА ВО ВЕЛЕСПокривот на спортската сала протече иако беше саниран пред пола година (горе), а протече и во пералната на новата зграда на Велешки театар, кој беше пуштен во употреба на крајот на декември 2014 (долу) (Фото: СДК.МК)

    Од поројните дождови кои неколку дена интензивно паѓаа во Велес прокисна новата театарска зграда како и спортската сала „Гемиџии“.  Посебно лоша е состојбата со спортската сала, каде водата протекува на повеќе места, и на трибина кај публиката и на терен. Среќна околност е што деновиве таму  немаше спортски настан. Водата се собира со кофи, но вработените никако да престасаат да ја соберат и исфрлат.

    „Санацијата на кровот беше завршена пред половина година. За жал кровот и натаму протекува. Затоа на изведувачот веднаш му реагирав, бидејќи уште е под гаранција, да ги изведе неопходните работи и кровот и водата да не протекува“, рече  Златко Гуцев, директор на ЈП „Парк спорт“, каде припаѓа салата „Гемиџии“.

    Минатата година на 27 ноември, на примопредавањето претходниот директор Александар Табаков се пофали дека е решен крупен проблем со санирањето на кровот во салата кој протекуваше со години, откако таа беше пуштена во употреба од 1982.  Санацијата ја изврши МЗТ „Инжинеринг Битола“ во вредност до  7,5 милиони денари и беше извршен технички прием. По шест месеци кровот повторно протече.

    Протече и во една од просториите на новата зграда на Велешки  театар, кој беше пуштен во употреба на крајот на декември 2014. Поточно во пералната, вчера вработените морале со кофи да ја собираат водата. Денес во просторијата уште беше присутна вода а по ѕидовите влага. Велешкиот театар е на турнеја по Бугарија  и директорот и техничкиот директор не се достапни за коментар за ваквата состојба.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира