НЕДОСТИГААТ 750 ПОЖАРНИКАРИ, А ДЕЛ ОД АНГАЖИРАНИТЕ СЕ БЕЗ ВАЛИДНИ ДОКУМЕНТИ

    НЕДОСТИГААТ 750 ПОЖАРНИКАРИ, А ДЕЛ ОД АНГАЖИРАНИТЕ СЕ БЕЗ ВАЛИДНИ ДОКУМЕНТИДенес почна обуката на третата генерација на професионални пожарникари со акредитација од Министерството за образование и наука. (Фото: СДК.МК)

    На територијата на Македонија недостигаат 750 пожарникари, а дел од постоечките пожарникари и други кои очекуваат да бидат ангажирани имаат невалидни дипломи. На ваквите проблеми укажаа од Центарот за обука на професионални пожарникари „Пегаз Еду“ од Битола.

    „Се јавува една девијантна работа. Одредени институции, центри, работнички универзитети издаваат некакви си уверенија, дипломи без никаква програма. Ги обучуваат луѓето по три-четири часа, им наплатуваат за тоа и им издаваат неверификувани документи. Таа диплома е без верификувана програма. Очекуваме Министерството за образование да си ангажира свои лица да ја испитаат работата“, рече Сашо Атанасовски, претседател на „Пегаз Еду“ од Битола.

    Денес тие ја започнаа обуката на третата генерација на професионални пожарникари. Програмата е верификувана во Бирото за образование на возрасни лица и со акредитација од Министерството за образование и наука. Ова е единствена образовна институција со верифицирана програма за обука на професионални пожарникари во Македонија. Низ овој Центар досега се обучиле 40 тина професионални пожарникари, а сега обуката кој трае 400 наставни часа и ја изведуваат експерти, ја посетуваат уште десетина лица.

    „Дефицитот за оваа обука во Македонија е огромен. Во 2003 година ние почнавме со обука, а последните обуки претходно беа во 1994 година. На територијата на Македонија недостигаат околу 750 пожарникари, но неопходно е нивната обука да биде професионална и спроведена според законските одредби, рече Коста Поповски, магистер по заштита на пожари, координатор во обуката.

    Експертите велат дека има потреба од едуцирање на пожарникарски кадар и тоа треба да го препознае државата да ангажира компетентни кадри во противпожарните единици.

    „Во 2017 година во мојата најнова книга имав истражување дека околу 1550 места во 30 противпожарни единици во земјава, половината не се пополнети. А голем дел не се соодветно пополнети,“ рече професорот по заштита од пожари и предавач на обуката, Менде Солунчевски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира