Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кажа дека пратеничката група на негова партија и коалициските партнери нема да учествува во работата на Собранието, бидејќи, како што кажа на денешната прес-конференција, договорот со Грција се ратификува по скратена постапка, на недемократски начин, со кршење на Уставот, законите и процедурите.
„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери ќе ја напушти работата на Собранието. Нема да бидеме соучесници во носењето на штетни договори за Македонија, а истовремено тоа се прави на недемократски начин со кршење на Уставот и законот“, изјави Милошоски.
Тој праша како договорот со Бугарија е различен за да нема европско знаменце.
„Тој договор со Бугарија и таа земја членка на ЕУ не одеше по скратена постапка, а договорот со Грција оди по скратена постапка. Оваа власт не е спремна да ги почитува правните норми на Собранието“, рече Милошоски.