„СТАРБАКС“ ГИ ЗАБРАНИ ПЛАСТИЧНИТЕ СЛАМКИ

    „СТАРБАКС“ ГИ ЗАБРАНИ ПЛАСТИЧНИТЕ СЛАМКИСламките претставуваат околу 2.000 тони од речиси 9 милиони тони пластичен отпад кој завршува во светските води секоја година

    „Старбакс“ ќе ги отстрани пластичните сламки од сите нивни локации во рок од две години, објави најпознатиот синџир на кафетерии, станувајќи најголема компанија за храна и пијалоци која ќе го стори тоа.

    Иако сламките претставуваат мал процент на форма на загадување што завршува во океанот, сепак се сметаат форма со која на лесен начин ќе се придонесе за намалување на отпадот.

    Една недела откако Сиетл, градот на првиот „Старбакс“ ги елиминираше пластичните сламки и прибор за јадење, компанијата соопшти дека од 2020 година ќе користи сламки направени од биоразградливи материјали како што е хартијата и ќе има специјално дизајнирани капаци. Компанијата веќе нуди алтернативни сламки во Сиетл.

    Чашките со специјални капаци ќе се користат во Сиетл и Ванкувер од оваа есен, со постепено распоредување во кафетериите во САД и Канада следната година.

    Сламките често завршуваат како ѓубре, бидејќи нивната мала форма ги прави тешки за рециклирање. Поттикот да се забранат сламките следеше по едно видео во 2015 година, кога спасувачи отстранија сламка од носот на морска желка.

    Прашањето за отпадот се почесто се појавува во одборите на компаниите. Во февруари, „Данкин донатс“ објави дека ќе ги елиминира чашите од стиропор од своите продавници до 2020 година. „Мекдоналдс“ најави дека следната година во Обединетото кралство и во Ирска ќе почне да користи хартиени сламки, а на некои локации во САД ќе ги тестира алтернативите за пластични сламки.

    Пластичните сламки за пиење сочинуваат само околу 4 проценти од пластичното ѓубре по број на парчиња. Сламките претставуваат околу 2.000 тони од речиси 9 милиони тони пластичен отпад кој завршува во светските води секоја година.

    Лаура Крејвем, директорка за маркетинг на „Старбакс“ најави дека се во потрага по решенија и алтернативи за сламки кои се превиткуваат, наменети за лицата со посебни потреби.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира