На затворените паркинзи со кои стопанисува јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) издадени се речиси двојно повеќе месечни карти за паркирање отколку што има паркинг места. Исто така, станарите своите картички ги даваат на други, па затоа на паркиралиштата се создава хаос.
На паркинзите кај „Трготекстил“, „Дом на градежници“ и „Автомакедонија“ владее хаос и се случува граѓаните кои имаат картички како станари да не можат да најдат слободно место. Поради тоа, ПОЦ во наредните два месеца ќе врши ревизија на сите издадени месечни картички, како на станари, така и на фирми. Со ревизијата ќе се утврди дали навистина сите кои добиле налепници ги исполнуваат условите за користење на правото на бесплатен паркинг.
„Од денес ќе започнеме со ажурирање на податоците на корисниците на затворените паркиралишта со кои стопанисува претпријатието. Сите корисници на затворените паркиралишта ќе бидат информирани преку смс порака и ќе треба лично да дојдат во дирекцијата на ЈП ‘Паркинзи на Општина Центар‘ со документите потребни за добивање кориснички договори за паркинг. Сега имаме поголем број издадени картички отколку што има простор. На пример, на паркингот кај Дом на градежници има 450 паркинг места, а издадени се 700 жителски картички“, вели директорот на ПОЦ Васко Кичевски.
А. АНТЕВСКА