1. Се сеќавате ли на некој од оние стари социјалистички вицеви, од времето на самоуправувањето, кога бевме заљубени во себе и се занесуваме дека цел свет ни завидува? Тие обично започнуваа со зборовите: “Си бил еден Американец, еден Рус и еден Југословен…” И обично завршуваа на тој начин што Југословенот секогаш излегуваше најпаметен, а другите двајца глупави и изиграни.
Русите веќе одамна не ни доаѓаат. Ама, ме чуди како еден Американец, со име Џејмс Бејкер, се осмели да пристигне во Југославија и во услови на така духовито изградено наследство да се вклучи во вицотеката, и тоа не со еден, туку со најмалку шестмина Југословени. Како да не знае дека ние сме најпаметни и дека нема теорија тој нас да нé изигра. Па, на пример, да му ја преземе иницијативата на Васил Тупурковски за свикување на седница на Претседателството на СФРЈ. Или пак, наместо Месиќ, тој да седне во фотелјата на претседател на Соединетите Југословенски Држави.
Во моментов додека го читате текстот, Бејкер веројатно веќе лета што подалеку од Југославија. Ние го дочекавме и го испративме. По него веќе никој нема да ни доаѓа.
2. Затоа, пак, Македонија со нетрпение го очекува српскиот министер за односи на Србија со Србите надвор од Србија. Ќе дојде лично, да се увери во насилното македонизирање на овдешните Срби. Затоа што, како што неодамна ѝ изјави на дописничката на Македонското радио од Белград “оценките за положбата и асимилацијата на Србите во Македонија се градени на основа на многу разговори со Србите од Македонија, сериозни и угледни луѓе”. Што веројатно било доволно, во информацијата на неговото министерство да се напише и ова: “Процесот на асимилација во Македонија се поттикнува низ основното образование, вработувањето, дејствувањето на Македонската православна црква”.
Во Македонија сега засега на ова не се реагира. Министерот за односи на Србите со Србите се вика Станко Цвијан. Место за паника нема. Барем до оној момент, додека на негово место не го замени Воислав Шешељ.
3. Проблемот е во тоа што не може да се врши асимилација на некој народ од некој друг непостоечки. Како што веројатно смета сојузниот секретар за надворешни работи Будимир Лончар, кој бега како од ѓавол од зборовите “Македонија”, “македонско”, “Македонци” во интервјуто за грчкиот весник “Катимерини”. Излегува дека во Република Македонија живеат Пречки, Прашања и Проблеми.
Од што логично произлегува дека и насилно асимилираните Срби во Македонија не се македонизирани, туку – пречкосани. Со што се согласува и лидерот на Српското движење за обнова Вук Драшковиќ, кога вели дека македонското прашање е засекогаш решено по Балканските и Првата светска војна. Сега останува да се реши уште прашањето на Пречките.
Тој во вчерашното интервју за “Борба” изјавува дека со грчкиот премиер Мицотакис “се согласил во речиси сите прашања, па и околу т.н. македонско прашање… така што на г. Мицотакис му реков дека со такви ставови може да биде и претседател на Српското движење за обнова”.
Со оглед на усогласените ставови околу Пречките, доколку Мицотакис стане лидер на СДО, на испразнетото место на чело на грчката влада може да се намести лично Будимир Лончар. Па, како премиер на Грција, од атинска перспектива да гледа како да ги премости Пречките на патот до Белград. Вук Драшковиќ, пак, би можел да се пресели во Македонија. Ќе биде претседател на Здружението на Србите, со седиште во Скопје, и заедно со министерството во Белград ќе се бори против нивното насилно пречкосување.
4. Македонија нема време за чекање, па затоа веќе отпечати и свои пари. По налог на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, што се одржа годинава на Велигден, на кој во конгресната резолуција што е донесена е запишано дека “носител на емисионата и монетарната политика ќе биде Македонската национална банка, а паричната единица на македонската држава ќе биде – статер”.
Македонија сé уште нема национална банка, ама затоа доби национална печатница во Прилеп. Која наместо ознаки на тутунска хартија печати пари. Бидејќи директорот на печатницата со статерите сите нé убеди во неверојатните можности на нејзината нова технологија, можеме да очекуваме чуда. Среќа што ВМРО-ДПМНЕ на својот конгрес не ја предвиде и висината на девизните резерви на државата Македонија. Во спротивно, Прилеп масовно ќе нé снабдуваше со американски долари.
5. Како поткрепа на македонската државност, покрај статерот и печатницата што може да печати девизни резерви, деновиве во Зоолошката градина во Скопје добивме три лавчиња. Тие можат да бидат добар реквизит во сценариото со кое ќе треба да го прославиме денот на осамостојување на Македонија. Кучан може само да ни позавиди. Тој ќе сади липа, а ние ќе одгледуваме лавови.
Бидејќи мораме да се навикнеме да гледаме циркуси, ништо чудно ако вработените во Зоолошката градина побараат некој висок македонски државник да им биде кум на лавчињата. За благослов би се погрижило некое свештено лице. А целата претстава околу прославата на првиот ден на самостојна Македонија може да ја спронзорира “Палер Македонија”.
Вистинска мерка за патриотизам ќе покаже оној кој секојдневно ќе им носи храна на лавчињата. А Зоолошката градина ќе стане култ-место на кое со свои очи ќе можеме да се увериме како расте и јакне независна Македонија.