ДОЈРАН СО ЗАЧЕСТЕНИ КОНТРОЛИ ЌЕ ГИ РЕГИСТРИРА ГОСТИТЕ ЗА ПОГОЛЕМА НАПЛАТА НА ТУРИСТИЧКА ТАКСА

    ДОЈРАН СО ЗАЧЕСТЕНИ КОНТРОЛИ ЌЕ ГИ РЕГИСТРИРА ГОСТИТЕ ЗА ПОГОЛЕМА НАПЛАТА НА ТУРИСТИЧКА ТАКСАЛани во општинската каса по основ на туристичка такса се слеале само 980 илјади денари, а биле планирани 2,5 милиони денари. - Туристи на плажа во Дојран (Фото: СДК.МК)

    Општинските власти на Дојран од идната недела најавуваат зачестени контроли на сместувачките капацитети за да се евидентира бројот на гостите како основа за наплата на туристичка такса. Во акцијата ќе бидат вклучени претставници и од други институции со цел да се има пореална бројка на реализираните ноќевања, оти сопствениците на апартмани и студија сè помалку пријавуваат гости, а на тој начин ја избегнуваат таксата која дневно чини 40 денари по лице.

    „Сè помалку средства се влеваат во општинската каса по основ на туристичка такса. Апелиравме и оставивме на свест на сопствениците на апартмани и студија сами да ги пријавуваат гостите но гледаме дека нема одзив и ефект, па во следниот период ќе зачестат контролите по сместувачките капацитети. Немаме намера да казнуваме. Сакам да се знае дека овие средства што ги собираме по основ на туристичка такса ќе се реинвестираат во општината, за збогатување на туристичката понуда и да привлечеме повеќе посетители“, вели градоначалникот на Дојран Анго Ангов.

    Лани во општинската каса по основ на туристичка такса се слеале само 980 илјади денари, а биле планирани 2,5 милиони денари. Годинава по овој основ наплатени се само 320 илјади денари, иако за првомајските празници, „Д фестивалот“, но и за Илинден речиси сите капацитети во Дојран беа полни.

    Градоначалникот Ангов за да има пореална бројка на реализираните ноќевања и посетители за идната година го најави проектот „сејв сити“ кој дневно ќе ги регистрира бројот на возилата што влегуваат и излегуваат од Дојран, а со тоа автоматски и кои остануваат во ова туристичко место.

    „Се надеваме дека со овој проект ќе имаме пореална слика и контрола колку ноќевања се реализираат во Дојран за да и пореално ја проектираме туристичката такса во Буџетот. Инаку во моментов во Дојран имаме регистрирани 290 приватни објекти кои издаваат соби за сместување и неофицијално сите имаат гости, но за жал истите не ги пријавуваат и на тој начин ја избегнуваат туристичката такса“, ни изјави Ангов кој вели дека годишно по основ на туристичка такса во општина Дојран треба да се влеваат и по 6 милиони денари.

    Од први август речиси сите сместувачки капацитети во Дојран се полни со гости од земјава но и од соседна Србија кои ова туристичко место го користат како попатна станица кон Грција. Неофицијално лани во ова место имало околу 150 илјади ноќевања.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира