Жителите на Стојаково од Општина Богданци ќе покренат иницијатива штрковите да им станат заштитен знак и бренд. На ова се одлучиле бидејќи последниве две години во ова село енормно се зголемил бројот на овие птици преселници, а почнале да доаѓаат и странци кои сакале да ги фотографираат и набљудуваат.
Претседателот на месната заедница Роберт Јованџиков вели дека летово во ова село има дури 208 штркови на 37 гнезда, 74 сее стари, а 134 млади. Евиденцијата ја направиле заедно со Македонското еколошко друштво, кои со дрон ги снимале сите локации каде штрковите се движат и престојуваат во Стојаково.
„Од година во година, бројот на овие птици преселници е сè поголем, а посебно ова година. Сакаме да ги направиме бренд на нашето село, како заштитен знак. Планираме под секој столб каде престојуваат да поставиме табла со биографија која постојано ќе се надополнува. Планираме прво да си ги крстиме како семејство штрковите во гнездата и да наведеме информации од каде доаѓаат, колку време престојуваат во селото, колку принови имале. Еден вид инфо-табли за секое семејно гнездо со штркови’’, вели Јованџиков и додава дека ќе покрене иницијатива дистрибутивната електромрежа на ЕВН во селото да се изолира за да не предизвикува проблеми за птиците.
Во Стојаково освен на секој електричен столб и бандера, гнезда има и на објекти. Јованџиков вели дека овие птици бараат чиста и еколошка средина со многу ливади. Нè однесе и во атарот на селото каде цели стада со штркови беа во лов на храна или пак ги надлетуваа зелените ливади и канали со вода.
„Почнаа да доаѓаат странци да ги фотографираат, бидејќи можеш ептен блиску да им се приближиш. Планираме догодина како село да подигнеме и две посматрачници каде ќе можат гостите да го набљудуваат животот на овие птици во гнездата. Едната посматрачница ќе биде во центарот на селото, а другата погоре каде во радиус од десетина метри има дури пет гнезда. Штрковите се мили птици и речиси сите од селото се зближивме со нив, но сепак се држиме на дистанца да не им го нарушуваме мирот“, вели Јованџиков.
Стојаково е во непосредна близина на македонско-грчката граница и брои околу 400 жители. Постарите велат дека своевремено во ова село имало по две до три гнезда на штркови, но бројката од 37 гнезда и вкупно 208 штркови пријатно ги изненадила сите.
„Сакаме да останат бидејќи ни го чистат селото. Да ги видите кога се ора некоја нива. По 30-тина слетуваат и ги собираат инсектите, глодарите и влекачите. Каде има штркови има мир и чистота, нè учеа постарите. Така што, добро е што ги има во толкав број. Догодина верувам дека ќе ги има уште, ако треба и ние ќе подигнеме столбови за гнезда“, велат жителите на Стојаково, одалечено 10-тина километри од Богданци.
Паралелно, за зголемениот број штркови во Стојаково се заинтересираа и членовите на Македонското еколошко друштво кои изработија промотивно видео, а најавија и проект за нивна заштита кој ќе биде искористен за научни цели.
В. ТРАЈКОВ