Обвинетиот Сашо Срцев, поранешен член на ДИК, денеска остана без адвокат во случајот „Титаник 2“ на СЈО, поради што е дадена полчасовна пауза на ова судење, за да си најде нов. Судијата Огнен Ставрев најави казна за адвокатот Димитар Дангов, зашто денеска ги известил и судот и клиентот, непосредно пред да почне судењето за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017, дека не може да присуствува на “Титаник 2”. Дангов е бранител на обвинети за организираниот напад на Собранието, судење кое се одвива паралелно со ова.
Во случајот „Титаник 2“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинети се поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Елизабета Стефанова и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, кои без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков, за што веќе беа пуштени на преслушување бомби. Во бомбите, се слуша како тогашниот претседател на ДИК Борис Кондарко бара логика и причини за прегласувањето, но овие четири лица го надгласуваат.
За злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинет е и Мендух Тачи, како тогашен лидер на ДПА, која им беше опозиција на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, но на повик на Мијалков, како што се чу во бомбите, веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими и му дава наредба да гласа за поништувањето на резултатите од гласањето во Струмица.
С. К. ДЕЛЕВСКА