Јапонија е позната по големиот број на стогодишници, а може и да се пофали со најстарата жива брачна двојка. Збирниот број на нивните години изнесува 208, а сопругот вели дека 80-годишниот брак се одржал благодарение на трпението на сопругата.
Масао Матсумото (108) и неговата 100-годишна сопруга Мијако од Гинисовата книга на светски рекорди се прогласени за најстари живи брачни партнери, кои се венчале во октомври 1937 година.
„Толку сум благодарна за ова признание што ми навираат солзи“, изјави Мијако за „Ројтерс“.
Тие не успеале да направат свадба, бидејќи тогаш Јапонија се подготвувала за војна и Масао бил регрутиран во војската. Имаат голема фамилија, в последното, 25-то по ред правнуче се родило минатиот месец.
„Тие влегоа во последното поглавје од нивниот живот. Голема чест е за нив да го добијат ова признание. Им посакувам и понатаму да имаат мирен живот“, рече нивната ќерка Хироми.
Рекордот за најстара брачна двојка сѐ уште го држат Норвежаните Карл и Гурдрен Долвен, чиј збирен број на години беше 210. Гурдрен почина во 2004 година.