Слаб е интересот за добивање дозвола за берба на шумските плодови по велешките планини, вели директорката на Подрачната единица на Шумското стопанство „Бабуна“, Љубенка Попова.
„Не сум задоволна од одѕивот на граѓаните за добивање дозвола за берба на шумски плодови. Во споредба со лани, годинава има интензитет на пораст. Имаме стотина физички лица кои побарале дозвола за непречено движење во планина за берење на шумските плодови. Очекувам дека во следните години ќе има поголем интерес“, рече Попова.
Масивот на планината Јакупица, во регионот на Азот, изобилува со шумски плодови и таму е во тек берба на боровинки, од што егзистенција наоѓаат неколку илјади жители, пред сè, од селата Горно и Долно Јаболчиште. Цената на дозволата е 400 денари.
„Интерес има за бербата на боровинките. Во тек е бербата и на капини и малини, но досега, нема ниту еден пријавен. Во велешко има четири правни лица за откуп на шумски плодови, сите се јавија, побараа и добија дозвола. Немаме поднесено ниту една пријава до надлежен суд. Тие кои берат, ги сретнуваме и информираме, засега не ги казнуваме“, рече Попова.
ЈП „Македонски шуми“ во април 2013 година воведе задолжително регистрирање на жителите-собирачи на шумски плодови, но и регистрација на фирмите откупувачи. Ова се случи откако македонските планини ги сардисаа берачи кои нестручно и стихијно береа лековити билки.
П. ПЕЧКОВ