ОЧАЈ ВЕСТИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:68:"Полошитесизаминаа,лидеротсеспаси

    1. Специјалниот пратеник на ЕУ во Македонија Сорен Јесен Петерсен за време на кампањата за претседателските избори во Велес рекол дека секоја евентуална одлука за неизлегување на изборите ќе значи “не” за ЕУ и за НАТО.
    Значи, ако в среда не избереме претседател нема да влеземе во ЕУ. Дали тоа значи дека ако го избереме Бранко, или Кедев, ќе влеземе во ЕУ? Ако е така како што ни вика Петерсен, дај да ги избереме и двајцата, па ќе влеземе и во ЕУ и во НАТО на еден трошок.
    Како би поминал политичарот Сорен Јесен Петерсен во неговата Данска кога би им се заканил на данските граѓани дека ако не ја изгласаат замената на круната со еврото, тоа би било катастрофа за државата. Тие веќе имаа неуспешен референдум за прифаќање на еврото. Уште никој не ги избркал од ЕУ.
    Ама, тоа е Данска и таму луѓето со наполнети 18 години се оставаат да мислат со своја глава. Во Македонија, ако има макар и мали навестувања дека полнолетните може да мислат, треба да им се упатат закани дека ќе ги снајде катастрофа.
    Малку беа партиите со својата кампања за избор на претседател. Сега и странците ќе трошат пари за спотови и плакати. Па ни ги пуштија невладините организации. Од нив ни телевизор не ти се вклучува. Или се вести, или се нивни спотови. Секоја втора реклама ни се појавува невладин човек што ни кажува зошто треба да се гласа. Така што, ако случајно изборите не успеат, виновникот е однапред познат. Не е до кандидатите. До народот е. Да го смениме народот, за да нема политичка криза. Оти ако стане политичка криза, нема друго – ќе мора пак Бранко да се жртвува за да не спаси.

    2. За разлика од Европеецот Петерсен, Американецот Батлер не дава политички изјави. Тој си брка работа. Бранко оди во кафеана, Батлер се појавува во истата кафеана. Бранко оди кај Тоше, Батлер оди кај Тоше.
    Кај Американците евидентно се забележува нивниот економски напредок откако се дојдени во Македонија. За време на кампањата на Бранко во 1998 година, тогашниот амбасадор Кристофер Хил пушташе чешмички во Мариово. Шест години подоцна, Лоренс Батлер пушта цели водоводи.
    Американците во Македонија прават економски бум.

    3. Хрватска стана кандидат за членка на ЕУ. Илинка и Рада не можеа да ја скријат радоста. Се радуваа повеќе од Хрватите. Оти, тоа бил многу добар сигнал за Македонија. Плус, успехот на Хрватска ќе ја охрабрел Македонија на патот кон ЕУ.
    Сега засега, тоа значи уште една виза за нас.
    Кога за Хрватска толку се радуваа оти станала кандидатка, може само да се замисли, колку ли се радуваат што Бугарија и Романија добија пари за патишта и железници за поврзување со ЕУ.

    4. Пред неколку дена сретнав еден пријател пред матично кој чекаше да извади нов извод на родените. Ми рече дека му требал за бугарски пасош.
    “Не можам веќе, половина живот ми помина, немам излезено од оваа црна дупка”, ми се пожали. Човекот има образование, постојана работа, релативно солидни редовни примања, нема намера да се сели во странство, ама му здодеало да го малтретираат во редиците за визи.
    Петерсен нека ни раскажува приказни дека претседателот ќе не внесел во ЕУ. Нас бугарските пасоши ќе не внесат во ЕУ. Претците во гроб ни се превртуваат.

    5. Во пауза меѓу два спота на невладини организации и постер за млади бунтовници оди најавата за “бизнис вести”. И на бизнис вестите оди прилог за лековите.
    Излегува постара жена од аптека и ја прашуваат дали ги нашла лековите на рецепт. Таа одговара: “Имам астма, лекарот ми препиша две пакувања, ама ми дадоа едно, а другото ќе мора да си го купам. Фала им и толку!”
    Ова не се “бизнис вести”. Ова се “очај вести”. Жената е благодарна што некој и дава нешто што таа одамна го платила. Се гледа дека народот е добро истрениран. Нека ни изберат некој што ќе ни дава по едно кутивче месечно и да си го тераме ние курсот кон ЕУ и НАТО на раат.
    Кај нас народот постојано се теши: “Ќути, имало и бетер”. И Хрватска едно време беше бетер. А за Бугарија и Романија пак, ич муабет да не правиме.
    Ете, затоа Илинка и Рада беа толку радосни. Ние се спасивме. Полошите си отидоа во ЕУ. Лидерот остана.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира