Во присуство на американскиот амбасадор Џес Бејли и министерката за правда Рената Дескоска, денеска се промовираше првиот Судско-медиумски совет за отворање и поголема транспарентност на судовите.
Вакво тело не функционира во регионот, пресликано е од САД. Таму судиите и новинарите седат на иста маса и се договараат, воспоставуваат соработка како да се снимаат со камера судските случаи, како јавноста да има увид во пресудите што ги носат судиите, но и во доказите врз база на кои се изрекувани тие пресуди.
Здружението на судии и претседателот Џемали Саити се носители на проектот, а подготовките и обуките се со средства од американските даночни обврзници, како помош на Америка за да се воспостави конечно владеење на правото и транспарентност на судството во Македонија.
„Судовите се со најмала доверба од институциите во државава. Се надевам со своето независно и транспарентно работење во соработка си медиумите, тие ќе ја поправат оваа слика“, рече министерката Дескоска.
С. К. ДЕЛЕВСКА