„ЛУДИ ЗА ЉУБОВ“ ВО РЕЖИЈА НА ДАМЈАНОВСКИ ПРЕМИЕРНО В ПЕТОК ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР

    „ЛУДИ ЗА ЉУБОВ“ ВО РЕЖИЈА НА ДАМЈАНОВСКИ ПРЕМИЕРНО В ПЕТОК ВО ДРАМСКИ ТЕАТАРФилип Трајковиќ како Еди и Јана Стојановска како Меј во претставата „Луди за љубов“ (Фото: Драмски театар)

    Режисерот Деан Дамјановски во Драмски театар го постави текстот на Сем Шепард, еден од најпознатите и најплодни современи американски драмски писатели, „Луди за љубов“, чија премиера е закажана за в петок. Претставата ќе има две изведби, од 20 часот и од 22 часот на малата сцена. Во едната изведба ликот на Меј ќе го игра Јана Стојановска, а во другата Благица Димитровска.

    Во екипата се и Филип Трајковиќ како Еди, Анастас Тановски како Еди и Кристијан Светиев како Мартин.

    Сем Шепард (1943-2017) ја напишал „Луди за љубов“ брзо по разводот со неговата жена О-Лан. Во писмото што го испраќа до Џо Чајкин, кој му бил пријател и близок соработник, Шепард ја опишува својата драма како „продукт на заглушувачкото чувство низ кое поминував минатава година… текстот е многу емоционален и е по малку засрамувачко лично сведоштво, но и нужно, истовремено“.

    Освен како драмски писател, Шепард доживува светска слава и како актер, сценарист и режисер во филмската индустрија. Низ кариера која се протега речиси 40 години, се здобил со критичка потврда, медиумско внимание и статус на икона како ретко кој друг во американскиот театар. Носител е на 45 номинации за награди и признанија, а добитник на 24, меѓу кои и Пулицеровата награда за најдобра драма за „Закопаното дете“ во 1979 година.

    „Во ерата на едноставни и практични прирачници за среќа, слобода, љубов и што ли уште не, наоѓам дека е добро да се погледне и опачината на овие поими, кои, некако по дефиниција ги прифаќаме за позитивни. Оттука и ’Луди за љубов‘, драма во која Шепард ги поставува ликовите на Еди и Меј, да лутаат без конецот на Аријадна во темниот лавиринт на сопствените емоции, за да се најдат еден со друг. Во таа потрага по својата друга половина, тие полека ја откриваат природата на љубовта, која, за нив постои само во невозможноста за нејзино остварување“, рече на денешниот прес режисерот.

    Директорката на Драмски театар, Викторија Рангелова- Петровска кажа дека претставата е направена со буџет од 600 илјади денари.

    Музиката е на Миодраг Неќак, сценографијата на Ѓорѓи Ѓорѓиевски, а костимите на Елена Вангеловска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира