Над 10.000 граѓани денеска дојдоа во скопската Зоолошка градинка да ги видат новите жители, слониците Дуња и Даела.
Слониците досега беа во карантин за да се привикнат на новото живеалиште, а кога излегоа во отворениот дел беа пречекани со аплауз од децата.
Дуња и Даела во скопската градина од Белгија стигнаа во четвртокот. Дуња има 49 години и е најголема азиска слоница, а Даела е африканска шумска слоница која има 30 години. Двете слоници пред две години стануваат привремени жители на белгиската Зоолошка година, откако биле донесени од циркус.
Последен пат слон во градината во Скопје имало пред 26 години. За слониците Дуња и Даела изградено е ново живеалиште, со отворен и затворен дел, според најсовремените светски стандарди и со површината од 3.200 метри квадратни која ја зафаќа е едно од најголемите во скопската Зоолошка.
Директорот на Зоолошка Ѓорѓи Галетановски на посетителите им најави дека покрај слоновите наскоро во градината ќе стигнат и други нови животни, кои досега ги немало.
„Во Зоолошката градина ќе стигнат и зебра, фламинго и пингвини. Апелирам до посетителите да не ги вознемируваат и хранат животните оти имаат посебен режим на исхрана. Сите заедно да се однесуваме совесно“, рече Галетановски.
По повод доаѓањето во слониците денеска во Зоолошката беше организирана забава со хорот „Златно славејче“ и Пет+ бенд.
А. АНТЕВСКА