Прославената шпанска оперска певица Монсерат Кабаје, чиј дует со Фреди Меркјури стана химна на Летните олимписки игри во Барселона во 1992 година, почина на 85 години, објави новинската агенција „Ефе“.
Таа била примена во болница во Барселона минатиот месец, откако веќе некое време имала сериозни здравствени проблеми.
Кабаје имаше кариера долга половина век, а по настапите во оперите во Базел и Бремен, таа се стекна со меѓународна слава во 1965 година со изведбата на насловната улога во „Лукреција Борџа“ во „Карнеги хол“ во Њујорк, што беше нејзино деби во САД.
Потоа настапуваше во Метрополитен опера, како и во оперите на Сан Франциско и Виена, покрај имиња како Лучано Павароти и Пласидо Доминго.
Песната „Барселона“ ја сними во 1987 година и таа потоа стана химна на Олимпијадата во 1992 година.