1. “Синѓирите” не можеа веќе да издржат. Борко Станоевски, конечно, е на слобода. Заедно со Томе Неновски, Соња Николовска и министерот во тренерки.
Претседателот на македонското Собрание, Тито Петковски, по разрешувањето на Станоевски, заборави да му се заблагодари на првиот гувернер на Централната банка на независна Македонија, чијшто потпис стои на банкнотите на првата македонска валута. А зошто, пак, Тито би му се заблагодарувал на гувернерот што си заминува? Чиновниците во Собранието не му го напишале тоа во сценариото за седницата.
2. Уставниот суд пред неколку дена донесе привремена мерка за симнување на знамињата на туѓи држави од пред Општинското собрание во Гостивар. Меѓутоа, суштината на оваа одлука не беше во пресудата, туку во прашањето, како на “независната држава Гостивар” да í се испрати писмото: по пошта, или на рака. Баш ме интересира како течела расправата меѓу умните судијски глави, на кој начин да се извести гостиварскиот градоначалник Руфи Османи дека пред зградата на Собранието не треба да се веат знамиња на туѓи држави. Расправале судиите, расправале, и, на крајот, по обичај, се прогласиле ненадлежни за тоа прашање. Решиле судбинската одлука за пресудата да падне на секретарот на Судот. Потоа секретарот размислувал еден час и решил писмото да го испрати по пошта.
Советот на Општина Гостивар, изненаден од писмото расправаше за одлуката на Уставниот суд. Затоа што советниците се понадлежни од уставните судии. Што мислт тие во Скопје, дека Гостивар е во нивна надлежност? Впрочем, кога Руфи Османи прв пат го истакна знамето на Албанија пред државна институција, никој ништо не му рече. Исто како што за “универзитетот” во Мала Речица реагираа само кога го прогласија за дивоградба. Советот на општина Гостивар е јасен: Одлуката на Уставниот суд на Македонија е мешање во внатрешните работи на туѓа држава. Уставниот суд не е фер. Како би им било на судиите од Скопје, ако уставниот суд на Албанија донесе одлука со која ќе го забрани поставувањето македонско знаме пред зградите на општините во Тетово и Гостивар?
3. Ќе осамне ли некогаш тој светол ден кога Бранко Црвенковски ќе ја објави реконструкцијата на Владата? Камбаните ќе бијат во целата татковина, врапчињата ќе пеат “ВМРО – Македонија!”, од најголемите градови, до најзапуштените села ќе се знае за херојскиот подвиг на премиерот.
Дури и на претседателот Глигоров, што е сосема невообичаено за него, му здодеа да го чека Бранко. Гледа, овој ништо не прави, па почна да му ги собира министрите (прво Владо Поповски, потоа Љубе Трпески) и да ги става во свои ресори. Како тргнала работата, ќе остане Бранко без Влада. А ако нема Влада, нема да има и што да се реконструира. Што нема смисла за новите кандидати. Овие старите и така за џабе ќе остануваат во Владата. Прилично се под притисок на јавноста, па додека да се ослободат да почнат пак да крадат, ќе им помине мандатот. Затоа, дај нека дојдат нови луѓе. Додека ги фатат, ќе направат и тие некое милионче. Колку да им се вреднува трудот за тоа што ќе се грижат за народот и државата.
Сé ми се чини дека на Бранко му е многу тешко. Очигледно има голем проблем со реконструкцијата. Не може да најде кандидат за премиер.
4. Сигурно е прекрасно да се биде премиер на вака добро организирана држава како што е нашава. Деновивме добивме уште една потврда како кај нас сé функционира организирано. На пример, кога се даваат податоци за надворешно – трговско работење. Царината ги дава податоците, Заводот за статистика ги обработува, со средствата располага Централната банка, Министерството за развој врз основа на тие податоци го планира развојот, Владата преговара со меѓународните финансиски институции придржувајќи се на бројките.. .
Како при ваква организација министерот за развој Беџети открил дека дефицитот ни бил за 200 и кусур милиони долари помал отколку тој што сме му го кажале на Меѓународниот монетарен фонд? Вели дека Царината 200 милиони италијански лири ги прикажала како 200 милиони долари! Што знае дете што се 200 килограми? Ги става на грб и ги носи. Башка зошто сега толку врева околу некои 200 милиони. Изгледа затоа што се во долари. Изминативе месеци, додека се занимававме со кражба, зборувавме за марки.
Она што може да биде надежно по ова откритие на министерот за развој е дека во иднина тие што ќе сакаат да ги подмитат цариниците, ќе можат да им дадат под рака 2 – 3 илјади италијански лири, наместо 2 – 3 илјади марки. Ама и тие не пијат мастило. Кога е во прашање пропуштање на шлепери добро ја знаат разликата меѓу долари и марки. За да не им се случи да згрешат, италијански лири воопшто не примаат.
5. Сега кога државата конечно го притвори најголемиот нејзин непријател, оној од дијаспората што викаше дека има најсовремено оружје за уривање на Владата, ВМРО-ДПМНЕ ќе може слободно да истрае на своите ултиматуми.
Бидејќи поминаа седум дена, колку што Љубчо Георгиевски му даде на Бранко Црвенковски да си поднесе оставка, сега ВМРО-ДПМНЕ ќе стапи во акција. Секој ден ќе прави едночасовни митинзи низ целата држава. Тоа ќе бидат мирни протести. На тој начин ВМРО-ДПМНЕ ќе í покаже на Владата колку народот е мирен.