При операциите за пуштање на Блокот 1 во РЕК „Битола“ бил пронајден предмет на
недопустлива локација, поради што била повикана полиција испита како се нашол таму. Ова писмено го соопшти РЕК „Битола“, откако денес СДСМ изјави дека раководните служби во комбинатот се сомневаат оти е направена диверзија.
„Блок 1 извесен временски период беше надвор од производство поради поволната хидролошка состојба. Со оглед дека привршува периодот на зголемени
дотоци во акумулациите, започнаа функционалните проби за негово приклучување на елесктро-енергетскиот систем на државата. При пуштачките операции, пронајден е предмет на локација на која тој не треба да биде, па се појави оправдано сомнение дека тој може да предизвика несакани последици при понатамошната работа на блокот. За таа цел, повикани се надлежните институции да ја испитаат настанатата состојба“, пишува во соопштението од РЕК „Битола“, и се додава дека се очекува првиот енергетски блок да биде оперативен веќе утре.
Полицијата потврди дека го истражува денешниот испад на сигурносните вентили во Блок 1 во РЕК Битола, енергетскиот стожер на Македонија. Од битолската полиција потврдија дека полицајци постапуваат по пријава во комбинатот, но не прецизираа за каква пријава се работи.
Пред неколку дена РЕК „Битола“, кој обезбедува 80 проценти од производството на струја во земјава, во еден ден остана без функција на трите блока. По краток застој едниот од блоковите беше пуштен во работа, а од другите два, едниот е во редовен ремонт, а другиот е надвор од електроенергетскиот систем поради поволна хидролошка состојба .
Во РЕК, во вторникот беа повредени тројца работници ангажирани на ремонт на првиот блок. Додека заварувале цевковод работниците вдишале јаглерод моноксид и во состојба на безсознание биле пренесени во Клиничката болница во Битола. Работниците сега се чувствуваат подобро и се пуштени на домашно лекување.